Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе забрани посета во градинки на деца кои немаат примено ДТП вакцина, само доколку препораката на Комисијата за заразни болести како советодавно тело на министерот за здравство, биде прифатена и со одлука, а Министерството за здравство му наложи на Инспекторатот вршење вонредни инспекциски надзори заради увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена ДТП вакцина, порача денеска директорката на ДСЗИ Рената Младеновска.
По најновите препораки од вчерашната седница на КЗБ за спречување на ширењето на голема кашлица таа посочи дека надлежноста на ДСЗИ е во делот на санкционирање родители кои не вакцинирале дете.
КЗБ на вчерашниот состанок, како што рече Младеновска, донесе препорака Државниот санитарен и здравствен инспекторат да се вклучи во активност вршење вонредни инспекциски надзори што се однесуваат на забрана на примање деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани со вакцина ДТП согласно редовниот календар за имунизација, а се со цел да се интензивира офатот на вакцинирање во услови на епидемија на пертусис – голема кашлица, прогласена на територија на Скопје.
Младеновска потсети дека од почетокот на епидемијата контролата на вакциналниот статус на децата згрижени во предучилишните установи ја врши Министерството за труд и социјална политика, согласно нивната законската регулатива, што ја уредува документацијата за прием на деца во овој тип на установи, вклучувајки и доставување на потврда за вакциналниот статус.
– Надлежноста на ДСЗИ е во делот на санкционирање на родителите кои не го вакцинирале своето дете, преку спроведување постапка за порамнување, а по добиен список од страна на вакциналните пунктови. Висината на казната за родител- старател изнесува 300-650 евра во денарска противвредност, изјави Младеновска.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат, истакна, согласно своите надлежности при вршење на редовни инспекциски надзори, не врши увид во потврдите за вакцинален статус на децата згрижени во детските градинки.
– Согласно Законот за заштита на населението од зразни болести, како и при прогласената епидемија на морбили 2019 година така и во случајот со активната епидемија на пертусис, ДСЗИ ќе забрани посета на деца во детски градинки кои немаат примено ДТП вакцина, само доколку препораката на КЗБ како советодавно тело на министерот за здравство, биде прифатена и со одлука, Министерството за здравство му наложи на Инспекторатот вршење вонредни инспекциски надзори во наведените установи, детски градинки заради увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена ДТП вакцина. Дотогаш, МТСП продолжува да ја спроведува веќе започнатата теренска активност што трае од почетокот на епидемијата, истакна Младеновска.
Најави дека за март ДСЗИ во месечниот план за работа има предвидено посета на сите вакцинални пунктови во здравствените домови ширум државата, да се провери опрема и простор од санитарно хигиенски аспект, дали има соодветни разладни уреди поврзани со агрегат, опрема за транспорт дали правилно се одлага медицинскиот отпад, дали имаат антишок терапија, уредна евиденција и докуменатција за извршена имунизација и потсетување за испраќање списоци со лични податоци за детето и која вакцина не е примена, се со цел да се повикаат родителите на порамнување.