ноември 24, 2024

Османи во Виена: Целосно ги разбирам поплаките на граѓаните по однос на долгите чекања

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на низата посети на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, денеска беше во Амбасадата во Виена, со цел увид на состојбите на терен и изнаоѓање на решенија за зголемување на ефикасноста во давањето на конзуларните услуги, соопшти МНР.

-Целосно ги разбирам поплаките на граѓаните по однос на долгите чекања, недобивање навреме термин, неодговорање на телефонските повици и е-меилови и за таа цел вложуваме максимални напори да се надминат овие ситуации. Делумно ги разбирам и објаснувањата на нашите дипломати и конзуларни работници дека се преоптоварени со напливот на барања за конзуларни услуги што се случува периодов, сепак сметам дека постојат можности да се организираат, истакна Османи при посетата на Амбасадата во Виена, со што ја заокружи првата фаза на ненајавени посети во дипломатско-конзуларните претставништва во Европа.

Според него, во повеќето од претставништвата кои ги посетил деновиве, им се излегува во пресрет на околу 300 наши државјани дневно.

-Се разбира, тоа е голем товар за нашите претставништва. Меѓутоа, се обидуваме сега да се реорганизираме секаде каде што е потребно и најдобро што можеме, со тоа што упатуваме нови конзуларни работници и дипломати, воведовме двосменско работење и работа во сабота и недела, донесовме дополнителни базни станици, односно мобилни станици за фотографирање, рече министерот.

Османи деновиве оствари посета на бројни наши претставништвата, меѓу кои во Брисел, Минхен, Бон, Берн Венеција и Виена. Во текот на наредната недела се планира посета и на други претставништва, каде што е зголемен обемот на барања за конзуларни услуги.

Read Previous

Која апликација ја бришеа луѓето најмногу минатата година?

Read Next

Бројот на убиени Палестинци надмина 29.000