ноември 23, 2024

СЗО се обидува да стигне до болницата „Насер“, ИДФ продолжува со потрагата по учесниците во нападите на 7 октомври во Израел

Светската здравствена организација денеска соопшти дека се обидува да стигне до најголемата функционална болница во Појасот Газа, болницата „Насер“, по израелскиот упад.

„Во болницата се уште има тешко ранети и болни пациенти. Постои итна потреба да се испорача гориво за да се овозможи континуирана работа на уредите кои спасуваат животи. Се обидуваме да пристапиме до болницата „Насер“ бидејќи има луѓе на кои им е потребна помош“, изјави портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека нивните војници продолжиле да ја пребаруваат болницата „Насер“ во Кан Јунис и досега уапсиле, како што рече, „повеќе од 20 терористи кои учествувале во масакрите на 7 октомври во Израел“, објави „Тајмс оф Израел“, пренесува МИА.

Елитната единица Маглан и поморската единица пронашле минофрлачи, гранати и друго оружје на Хамас во болничката установа, соопшти ИДФ. Десетици осомничени, како што наведуваат, се донесени на сослушување.

Војниците на ИДФ вчера влегоа во болницата, велејќи дека имаат информации дека таму се држат заложници и дека телата на некои од киднапираните можеби се уште се во тоа место. Израелската армија наведува дека „ќе продолжи да спроведува операции во согласност со меѓународното право против терористичката група Хамас, која систематски врши операции во болниците и другите цивилни институции“.

Read Previous

Ослободителна пресуда за поранешната пратеничка Силвана Бонева

Read Next

Столтенберг: НАТО е посилен од Русија