Професионалните војници кои навршуваат 45 години би требало да добијат можност да останат во Армијата до пензионирањето, а од почетокот на следната година се најавува и зголемување на платите во одбраната. Министерот Владо Мисајловски соопшти дека се подготвува и нов колективен договор со синдикатите, додека во наредниот период се очекува пристигнување на нова воена опрема и два хеликоптери.
Најавите беа соопштени на одбележувањето на Денот на Командата за операции во касарната „Боро Менков“ во Куманово, на свеченост на која присуствуваа претседателката и врховен командант Гордана Сиљановска-Давкова, началникот на Генералштабот Сашко Лафчиски, пратеници, дипломати и одбранбени аташеа.
Мисајловски нагласи дека подобрувањето на материјалниот статус на армиските припадници и модернизацијата на Армијата остануваат меѓу приоритетите на Министерството за одбрана.
Тој информираше дека за време на неговиот мандат се исплатени повеќе од 26 милиони евра по основ на судски тужби што датираат од 2019 и 2020 година. Паралелно, како што посочи, се исполнуваат и обврските што произлегуваат од постојниот колективен договор.
Нов колективен договор и повисоки плати
Министерот најави дека од 1 јануари треба да има зголемување на платите во Армијата и Министерството за одбрана. Воедно, во претстојниот период се очекува да биде потпишан нов колективен договор со синдикатите.
Според Мисајловски, во новиот договор ќе бидат разгледани предлозите на синдикалните организации, при што постојните права на вработените нема да бидат загрозени.
Тој посочи дека целта е да се обезбеди поголема предвидливост во остварувањето на правата на вработените и да продолжат реформите во одбранбениот сектор.
Решение за професионалните војници по 45 години
Една од најзначајните најави се однесува на статусот на професионалните војници кои навршуваат 45 години. Мисајловски соопшти дека е подготвено системско решение, кое произлегло од разговорите со Генералштабот, синдикатите, надлежните директоратии и припадниците на Армијата.
Предлогот, според него, веќе поминал на колегиум во Владата и се очекува да биде разгледан на владина седница следната недела.
„Ниту еден од вас што навршува 45 години нема да биде заборавен, тука ќе му биде местото во Армијата и ќе остане сѐ до неговото пензионирање“, порача Мисајловски.
Тој најави дека по донесувањето на одлуката, за деталите ќе бидат информирани професионалните војници заедно со началникот на Генералштабот.
Нова опрема и два хеликоптери
Во делот на модернизацијата, Мисајловски информираше дека набавката на воената опрема, оклопните возила „Страјкер“ и хаубиците се одвива според планираното и дека финансиските обврски се исплаќаат редовно.
Тој посебно го истакна договорот со италијанската компанија „Леонардо“, најавувајќи дека следниот месец се очекува прием на два нови хеликоптери.
Министерот изрази благодарност до претседателката Сиљановска-Давкова за нејзината поддршка, како и до началникот на Генералштабот Сашко Лафчиски и неговиот тим за ангажманот во спроведувањето на реформите и модернизацијата.
На крајот од обраќањето, Мисајловски порача дека Министерството ќе продолжи да работи на подобри услови за армиските припадници, повисоки примања и обезбедување современа опрема за потребите на Армијата.


