ноември 24, 2024

ДПТ: МВР ги дискриминира Турците, нема обрасци на турски јазик за лични документи

Демократската партија на Турците во Македонија смета дека Турците во Македонија се дискриминирани од страна на МВР бидејќи при аплицирањето за нови лични документи од службите им велат дека нема обрасци документите да бидат издадени и на турски јазик. Партијата ќе побара осуда да биде изречена од Антидискриминациската комисија.

Последните денови до нашата политичка партија се пристигнати повеќе поплаки и преставки околу издавањето на патните исправи (пасош), лични карти и возачки дозволи на турски јазик, од скоро сите градови на целата наша држава, велат од партијата.

„Нашите сонародници Турци кои аплицираат во подрачните единици на МВР за добивање нови документи, постојано се соочуваат со одговорот дека не им се достапни ОБРАСЦИ за пасош со нивниот матичен јазик, за документите за лична идентификација и за возачка дозвола.

Бидејки се работи за проблем со кој долги години наназад се среќаваме, овој пат чашата е прелеана и веќе нашите сограѓани Турци овој проблем го толкуваат како најневиден чин на ДИСКРИМИНАЦИЈА бидејќи веќе премина на кршење на правата што на нашите сонародници им се обезбедени со Устав и законите на нашата држава.

Од овластените институции претходно беше најавено дека личните документи мора да се променат до февруари 2024 година. Институциите кои одвоија одреден временски период за граѓаните се должни самите да ја проценат потребата од бројот на документите кои се неопходни за издавање со промена на новото име на државата и да направат подготовки и притоа да внимаваат на тоа во наведениот рок.

За жал според она што се пласира во јавноста, испадна дека институциите не биле спремни за овој предизвик и се створени големи редици околу издавањето на овие документи и за жал во целава ова приказна како и секогаш обичниот граѓанин треба да се справи со непрофесионалноста на државните институции.

Да ги терате граѓаните да чекаат во редици за пасоши со часови и да не им дозволувате да ги остварат своите законски дадени права е најтешка форма на дискриминација. Ова е најоголем чин во кршењето на основните човекови права и слободи. Државата ги игнорира сопствените граѓани и не ја почитува нивната волја.

Покрај сето ова најголем апсурд е тоа што намерно или ненамерно им се препорачува со давање на насоки на Турците на Македонија да аплицираат за документи на различни други јазици во „НОРМАЛНА ПОСТАПКА„ а на свој матичен јазик преку БРЗА ПОСТАПКА за добивање на патна исправа?!

Досега нашите иницијативи за пoплаки добиени од наши сонародници кои живеат ширум нашата земја се игнорирани и не е донесено никакво решение од надлежните органи.

Затоа како Демократска партија на Турците на Македонија (ДПТ), би сакале јавно да ја искажеме нашата грижа и јавно да го опишеме овој чин на дискриминација.

Во овој контекст, како политичка партија изјавуваме дека уште денес ќе поднесеме писмена пријава до Комисијата за aнтидискриминација на Република Северна Македонија и ќе побараме да се откријат причините и одговорните за овој немил инцидент“, се вели во реакцијата на партијата.

Извор: МКД

Read Previous

Бензините и дизел горивата од ноќеска на полноќ повисоки за еден и пол денар

Read Next

За еден месец продолжено ограничувањето на цените на основните прехранбени производи