ноември 23, 2024

Кривичен совет одлучува по жалбата на Обвинителството за инволвираните во нападот во М-НАВ

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје денеска одлучува по жалбата на Основното јавно обвинителство – Скопје против решенија на судии од претходна постапка од 5 јануари, со кои на четири лица им определи мерки на претпазливост, за случувањата во М-НАВ.

За нападот во зградата на М-НАВ и напад на вработени, Кривичниот суд им одреди мерки за претпазливост на Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и уште три лица иако Јавното обвинителство бараше притвор, на што обвинителството поднесе жалба.

За останатите четворица, како што информираат од Обвинителство, сé уште се трага по централен распис на територија на државата.

Обвинителот Дејан Петрески, во изјава за Канал 5, рече дека обвинителството останува на ставот дека Судот за овој случај треба да определи посилни мерки за четворицата осомничени.

Бранителот на Беким Незири, адвокатот Еленко Миланов во изјава за медиуми пред Судот, рече дека целиот настан и „фама околу настанот“ е почнат со дезинформација, а тоа е дека настанот се случил во контролната кула на М-НАВ.

– Во овој настан ниту има нешто што се случува во контролната структура, ниту има нешто што се случува во близина на таа контролна кула, ниту пак со лице кое што во тој момент требало да извршува свои обврски во контролната кула. Тоа е првото и основно што ја направи целата оваа фама и разногласие, вели тој.

Според Миланов, Назири се јавил во рок од половина час од поканата во полициска станица и дал изјава.

Додека за дел од осомничените се трага, за четворица меѓу кои и Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ, Судот им определи мерки за претпазливост, откако не го прифати предлогот на обвинителството, поради опасност од бегство и можност да влијаат врз постапката или да го повторат делото, да им биде определена мерка притвор.

Владата, на седницата од 9 јануари даде насоки за разрешување на претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор во М-НАВ Љубе Стаменковски и му препорача на Надзорниот одбор на позицијата претседател на УО и извршен директор во СВН да го именува Хекуран Асани, а за член на УО и извршен директор во СВТ да го именува Милан Кораќ. Исто така ѝ препорача на Агенцијата за цивилно воздухоповство да продолжи со почнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај и да го информира ресорното министерство и Владата, а исто така, го задолжи и Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на „М-НАВ“ А.Д. – Скопје.

Упадот се случи на 4 јануари веднаш по прес-конференцијата на претседателот на ССКЛ на која тој информираше дека контролори на летање и нивни помошници во М-НАВ ќе поднесат оставки од раководните позиции, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.

Read Previous

Ковачевски: Годинава ќе биде подобра од претходната, во 2025-та едноцифрена невработеност

Read Next

На Клиника почина двегодишно девојче од Кичево, таткото е осомничен дека ja претепал