Советот на Општина Кавадарци денеска донесе правилник и процедури за работа на Интервентен центар за жртви на семејно и родово базирано насилство, жртви на природни непогоди и лица во социјален ризик. Општината располага со соодветни простории од шест апартмани за нивно привремено сместување.
Интервентниот центар е лоциран во централното градско подрачје во површина од 196 квадратни метри, во непосредна близина има и соодветни инфраструктурни објекти како полициска станица, здравствен дом, училиште, градинка, пристап до јавен градски превоз. Центарот е пристапен за лица со телесна попреченост и пречки во движењето. Стручната работа со жртвите во центарот ја спроведуваат стручни лица од Регионалниот советувалишен центар кои имаат специјализирани обуки за работа со жртви на семејно и родово базирано насилство, психотерапевт, социјален работник и правник.
– Упатувањето во Интервентниот центар може да биде од Полициска станица, кол центарот при Општината, невладина организација, други релевантни и надлежни институции, пишува меѓу другото во процедурите.
Интервентниот центар обезбедува привремено сместување и згрижување на лица од територијата на Општина Кавадарци, кое може да трае од еден до три месеци, додека институциите ја изготват административно-техничката документација.
Центарот обезедува услуги за жртвите без разлика на возраст, пол, јазик, религија, политичко или друго убедување, национално, етничко или социјално потекло, имотна или материјална положба или друга различност.