ноември 24, 2024

Комисија ќе го истражи случајот со принудното слетување на армискиот хеликоптер

Ќе се формира комисија која ќе треба во детали да го истражи случајот со хеликоптерот на АРМ, којшто вчера принудно слета во реонот на селата Средно Коњаре и Долно Коњаре, Скопско, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.

-Не се работи за паднат хеликоптер, туку за принудно слетување на хеликоптер во околината на Петровец, значи не е слетан на самиот аеродром, туку на една ледина. Настанат е дефект којшто е регистриран при редовен тренажен лет на пилотите кои се дел од Армијата. Иако на почетокот пред да се започне летањето била спроведена соодветната процедура за проверка во која состојба е хеликоптерот, не се покажал каков било дефект, меѓутоа сепак во текот на летањето системите за предупредување дале сигнал дека се појавува дефект на моторот, првично како што сум известена, рече Петровска, одговарајќи на новинарско прашање пред обраќањето на регионалната конференција „Мир и просперитет на Западниот Балкан“ во организација на Центарот на истражување и креирање политики и конзорциумот СМАРТ Балкан.

Таа додаде дека иако станува збор за млад пилот, сепак тој постапил согласно стандардните оперативни процедури, ја известил контролата, пристапил кон принудно слетување на хеликоптерот и ги известил и претпоставените. Хеликоптерот, додаде министерката, се уште се наоѓа на таа локација и  во текот на деноноќието е обезбеден од страна на армиските сили.

Петровска нагласи дека комисијата ќе треба во детали да истражи како дошло до тој дефект, дали можеби станало збор за некој пропуст или едноставно во текот на летањето се појавил дефект што се случувало и претходно. Според неа, проверка на леталата се прави редовно за да не дојде во ваков случај.

-Секогаш и редовно заради тоа што тоа е една од стандардните оперативни процедури кои не смеат да бидат пропуштени и без разлика дали хеликоптерот ќе биде употребен за транспорт на војници, транспорт понекогаш и на некој од раководството со кои одиме на Криволак итн. или се работи за тренажен лет како во овој случај, проверката на состојбата на хеликоптерите и на сите воздухопловни летала е стандардна оперативна процедура која не смее да биде пропуштена за да може да се спречат несреќи од поголем карактер, рече министерката за одбрана.

Хеликоптер на АРМ вчера околу 14:30 принудно слетал во реонот на селата Средно Коњаре и Долно Коњаре, откако за време на редовна летачка обука во воздухопловниот ВИНГ, се појавило предупредување на инструментите за појава на грешки во работа на моторот, информираа од Армијата. Нема никакви оштетувања на хеликоптерот и екипажот безбедно слета, наведоа од АРМ.

Read Previous

Петровска: Пораките од Агелер само одат во поддршка на сето она што ние како држава го правиме

Read Next

Продолжува штрајкот на синдикатот на ДИЦ, нема да се спроведе стручниот испит за наставници и стручни соработници