Земјава ќе ги вложи сите напори, во координација со Европската комисија, да ја одработи на потребното ниво и во најкраток можен рок својата домашната задача од обврските поврзани со Планот за раст на Западниот Балкан, со цел со спроведувањето на реформите граѓаните и бизнисот што побрзо да ги почувствуваат бенефитите од него, изјави за МИА министерот за финансии Фатмир Бесими по првата подготвителна средба во Брисел со претставниците на ЕК за утврдување на основните елементи на реформската агенда што треба да се подготви за реализација на проектите од Планот на ЕУ за раст на Западниот Балкан.
– Нашата делегација ги презентираше реформските активности во приоритетните области согласно дефинираниот План за раст за Западниот Балкан. Имавме навистина корисен состанок на кој се исцртаа основните контури по кои треба да се движиме во подготовката на нашата реформска агенда во рамки на процесот на имплементација на Планот, рече Бесими по билатералните состаноци на кои Северна Македонија и другите земји од регионот ги презентираа своите реформски програми.
Според Бесими, процесот се одвива со забрзан интензитет и посакувана динамика, како од наша, така и од страна на ЕУ, па за неполни 10 дена се реализираа два чекори во тој процес, што дава потврда дека посветеноста и од двете страни е на високо ниво.
– Во самиот план за раст клучни се четири столбови, односно области, и тоа делот на интеграција во единствениот пазар на ЕУ, регионалната соработка, фундаменталните реформи и начинот на финансирање, додаде Бесими.
Според него, покрај евроинтеграцијата како врвен приоритет на Владата, со Планот се дава поголем фокус на приоритетните реформи и на поддршката од ЕУ за нивно спроведување. Таа агенда ќе опфати структурни реформи од најновата Програма на економски реформи (ПЕР) и поврзаните со неа Заеднички заклучоци договорени на Економскиот и финансиски дијалог, како и од ревидираната методологија за проширување, со најновиот пакет за проширување и Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан.
– Роковите се релативно куси. Се очекува до 6 декември, ние, земјите од Западниот Балкан, да го доставиме концептот на реформи до Европската комисија и таа да ги оцени и да ги прифати. Потоа, тие ќе бидат доставени до Советот на ЕУ, кој на 13 декември ќе ги разгледа на Самитот ЕУ-Западен Балкан, изјави Бесими, додавајќи дека целосната реформска агенда треба да биде завршена до почетокот на вториот квартал од 2024 година, по што ќе следува и конкретната реализација на реформите согласно утврдена динамика и исплата на средствата за поддршка на нивното спроведување.
Министерот за финансии потенцира дека Еврокомисијата со Планот за раст на Западниот Балкан предвидува финансиска поддршка за земјите од регионот до шест милијарди евра за период од четири години, од кои на Северна Македонија ќе и бидат на располагање меѓу 800 и 900 милиони евра, кои ќе бидат повлекувани според однапред утврдена динамика.
– Значи со други зборови, ова е релативно амбициозен план, како додадена вредност во однос на тоа што се прави до сега и се работи за прилично висока сум на пари. За четири годни, шест милијарди евра за Западниот Балкан, од кои две милијарди се грант, а четири милијарди ќе бидат поволни кредити, додаде Бесими во изјавата за МИА.
Инаку, реализацијата на овој реформски процес во земјата ќе го следат Секретаријатот за европски прашања и Министерството за финансии.