ноември 23, 2024

Прв министерски состанок за планот за раст на Западен Балкан, шест милијарди евра за реформи за удвојување на економиите на земјите од регионот

Земјите од Западен Балкан добиваат силна алатка за спроведување на реформите на европскиот пат преку Планот за раст на Западен Балкан, кој ќе овозможи поврзаност, поддршка на реформи и финансиска поддршка во вид на грантови и заеми. Генералниот директор на Директоратот за проширување Јан Копман, по претставување на планот пред министрите од регионот, денеска во Скопје порача дека Планот за раст треба да ги удвои економиите на земјите од регионот, така што, од моменталните шест илјади евра просечниот БДП по глава на жител, за десет години да биде 12 илјади евра.

Од шест милијарди евра за Западен Балкан, скоро 860 милиони на располагање за Северна Македонија.

Копман, на заедничката прес-конференција по завршување на Регионалниот министерски состанок изрази честитки за енергијата, посветеноста и далековидоста, порачувајќи дека ова претставува одличен старт, најавувајќи дека разговорите продолжуваат следната недела во Брисел.

– Имавме одлична дискусија со министрите од целиот регион. Искрено кажано, беше многу попродуктивна од тоа што го очекував, изјави Копман.

Планот за раст, посочи Копман, предвидува три нешта – отстранување на пречките и интегрирање на заедничкиот пазар на ЕУ, со помагање на интегрирање на пазарите од регионот со реформи и инвестиции, поддржани со фонд од шест милијарди евра од ЕУ.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, порача дека Планот за раст е најамбициозниот механизам на ЕК во досегашниот процес за интеграција на земјите од Западен Балкан и со него за првпат ќе имаме резервирани пари за реформи – шест милијарди евра за Западен Балкан, од кои речиси 860 милиони на располагање за Северна Македонија.

– Ние баравме од ЕУ да користиме можности и придобивки од зачленувањето на ЕУ, уште додека траат преговорите. Со планот се предвидува забрзување на реформите, економскиот раст и многу потребната социо-економска конвергенција. Овој план за раст е конкретна финансиска и политичка инвестиција на ЕУ во Северна Македонија и останатите држави од ЗБ. Овој план го гледаме како подадена рака на ЕУ за забрзување на нашето членство во унијата до 2030 година, изјави Маричиќ

Државите од Западен Балкан треба да изготват своја реформска агенда и да ја поднесат во рок од три месеци, а во насока на зајакнувањето на владеењето на правото и основните права.

– Веќе формиравме национална структура за развој и имплементација на овој план за раст, изјави Маричиќ.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, рече дека ова е конкретен чекор и јасна политичка порака од ЕУ, дека регионот го гледа како дел од ЕУ во блиска иднина.

– Овој план има јасно утврдена цел и агенда, но и солиден план за финансирање. Ова е план за финансирање на реформите за раст. Ова е можност да се забрза растот. Ако сега регионот според анализите е негде меѓу 30 и 50 проценти од БДП по глава на жител, во однос на просекот на ЕУ, се планира за еден период растот на економијата од регионот да се дуплира, изјави Бесими.

Зборуваме за економија на регионот со нешто малку над 100 милјарди евра БДП, што брои 17 милиони жители и претендира да стане членка на пазар од 450 милиони жители и со економија од над 15 трилиони евра.

– Тоа значи популација од четири проценти сака да се приклучи на пазар, каде нашата економија во моментот е помалку од еден процент од тој пазар. Сакаме да го достигнеме тоа ниво, а имаме и подадена рака за тоа да го направиме. За тоа имаме јасно зацртани цели кои треба да ги направиме преку реформската агенда, изјави Бесими.

На состанок во Скопје со Генералниот директор од Директоратот за проширување присустуваа министрите од регионот, а тој го претстави Планот за раст на Западниот Балкан. Состанокот е почетната точка во конкретната реализација на реформските агенди кои земјите со забрзано темно треба да ги подготват до крајот на годината и веќе во следната година да имаат и пристап до дел од средствата од фондот.

Со Планот на раст на земјите од регионот им се дава силна алатка за спроведување на реформите на нивниот пат кон кој ќе обезбеди поврзување, поддршка за реформи и финансиска поддршка во форма на грантови и заеми.

Read Previous

Ковачевски: Ќе ги искористиме сите правни можности за отстранување на таксата за транспорт на руски гас низ Бугарија

Read Next

Град Скопје додели пет електрични скутери за лица со телесна попреченост