ноември 23, 2024

Европскиот совет и Парламент постигнаа договор за буџетот на ЕУ за 2024 година 

Советот на ЕУ и Европскиот парламент денеска во раните утрински часови постигнаа договор за буџетот на Унијата за 2024 година, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Како што соопшти Европскиот совет, Буџетот за следната година силно се фокусира на главните политички приоритети на ЕУ и е базиран на актуелниот тежок геополитички контекст.

Вкупните обврски утврдени со Буџетот за 2024 година изнесуваат 189 милијарди и 385,4 милиони евра, додека предвидените исплати се во вкупна вредност од 142 милијарди и 630,3 милиони евра. 

Обврските се дефинирани како законски обврзувачки ветувања за трошење средства за активности кои се спроведуваат во текот на неколку години, додека исплатите ги покриваат трошоците кои произлегуваат од обврските преземени во текот на тековната или претходните години. 

Дополнително со Буџетот се предвидува на располагање да стојат 360 милиони евра, кои Унијата би ги користела за непредвидени потреби. 

По постигнувањето на договорот државната секретарка во шпанското Министерство за финансии и главен преговарач на Европскиот совет за буџетот на ЕУ за 2024 година, Есперанца Самблас Кинтана, изрази задоволство од компромисот.

– Тоа ќе ни даде средства да се фокусираме на приоритетните области на ЕУ, истовремено задржувајќи доволно финансиска слобода за да одговориме на непредвидени околности, нагласи Самблас Кинтана. 

Според неа, вака договорениот буџет обезбедува реален пристап, имајќи ги предвид актуелниот економски и геополитички контекст, интересите на даночните обврзници и потребата на ЕУ да се грижиме за новите предизвици што може да се појават во 2024 година. 

Согласно процедурата на ЕУ, Европарламентот и Европскиот совет сега имаат рок од 14 дена официјално да го одобрат постигнатиот договор.  

Според најавите, се очекува Советот на ЕУ да го одобри усогласениот Буџет на Унијата за 2024 година на 20 ноември. Годишните буџети на ЕУ во Европскиот совет се усвојуваат со квалификувано мнозинство на гласови. 

TV21MK

Read Previous

Израелските сили ја бомбардираа зградата на хирургија во болницата „Ал Шифа“ во Газа

Read Next

Претседателот на бугарскиот Парламент, Желјазков, во посета на Скопје