ноември 21, 2024

Превртени столчиња и навивачки факли во Парламентот во Тирана

Прво пратениците на опозициската Демократска партија ја блокираа говорницата со превртени столчиња, а собраниското обезбедување внимаваше да не дојде до тепачка. Откако претседателката на Парламентот почна со седницата неколку опозициски пратеници запалија навивачки факли.

И покрај хаотичната состојба мнозинството продолжи со усвојување на законите предвидени со дневниот ред. Предлозите на опозицијата беа отфрлени.

Министерот за внатрешни работи Таулант Бала алармираше дека палењето пиротехнички средства во салата е незаконско.

„Заборавете дека Албанија може да се врати назад. Албанија ја донесе својата одлука, само напред, нема враќање назад. Вашиот обид да го нарушите имиџот на Албанија е неуспешен. Затоа сакам да потсетам дел од пратениците кои беа инволвирани во незаконски дела, внесување на огномет, хемикалии во затворени и отворени сали е кривично дело“, рече Бала.

Според опозицијата, власта веќе 18 месеци одбива да се формираат собраниски комисии кои би ги истражувале нивните тврдења дека власта им доделува тендери и јавни набавки на лица и фирми блиски до премиерот Еди Рама.

„Иницијативата што ја презентирав што ја бранам една година за борба против корупцијата, која е во согласност со стандардите на ЕУ, со законодавството на ЕУ, кои се најдобри стандарди, како подобро да ги контролираме концесиските договори за да немаме оф-шор пари, да немаме проблеми што се случуваат со инсинераторот. Тие се многу добри, но не ги гласаат затоа што опозицијата ги предложи“, рече Јорида Табаку, пратеничка на Демократската партија.

Ова е четврти ваков случај на тензии во Парламентот за само 10 дена. Поради слични инциденти повеќе опозициски пратеници беа суспендирани на неколку дена. Но, демократите и денеска најавија дека ќе продолжат со, како што го нарекуваат „граѓанска непослушност“ сè додека власта ги игнорира нивните барања.

Read Previous

СКСЗМ: Мерките за намалување на инфлацијата не се адекватни

Read Next

Прва целосна трансплантација на око во светот