Северна Македонија е мултикултурна реткост и придонесува во ефикасен мултилатерализам, истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на 42-та Генерална конференција на УНЕСКО во Париз.
Премиерот Ковачевски е прв премиер од Република Северна Македонија што се обрати во УНЕСКО, по 30-годишното членство на нашата држава во Организацијата на ОН за образование, наука и култура.
– Огромна е честа да бидам првиот премиер од Република Северна Македонија кој се обраќа од оваа говорница. Задоволството е дотолку поголемо, што ова обраќање се случува во годината кога, како независна и самостојна држава, одбележуваме и триесет години членство во УНЕСКО, истакна Ковачевски.
Тој посочи дека овие два исклучителни важни моменти за нашата современа историја го обврзуваат ова прво премиерско обраќање да го направи на мајчиниот македонски јазик.
-Со тоа, сакам да му се заблагодарам на УНЕСКО за поддршката на многубројни проекти, активности и ресурси важни за нашето мултикултурно општество, за нашето природно и културно наследство, за македонскиот јазик и за другите јазици кои што се зборуваат во Северна Македонија. Затоа што мојата земја е „срцето на балканскиот јазичен контакт“, како што забележа светски познатиот лингвист, проф. Виктор Фридман, посочи Ковачевски.
Воедно, како што истакна, нашата соработка со УНЕСКО датира од 1979-та и 1980-та година, кога нашиот бисер Охридскиот регион, влезе под закрилата на УНЕСКО. И, денес, додаде тој, со гордост е вброен меѓу вкупно 39-те културни и природни наследства во светот.
Тој посочи дека Охридскиот регион е магичен сплет на природа, историја, религија, уметност и писменост. Оттука, како што истакна Ковачевски наш императив е да го одржиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот регион, во соработка со Центарот за светско наследство на УНЕСКО. И, заедно со Република Албанија да бидеме пример за добрососедска соработка и во заштитата на ова, и заедничко, и универзално добро.
Ковачевски потсети дека на 45-та сесија која се одржа во септември, Комитетот на УНЕСКО за светско наследство го разгледа Извештајот за состојбата со заштитата на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и донесе Одлука со која Комитетот ги уважи нашите заеднички напори, но еднакво и одговорноста за Охридското Езеро и богатото културно наследство за зачувување на престижниот статус на светско наследство.
На крајот од своето обраќање премиерот Ковачевски посочи дека Република Северна Македонија ќе продолжи да биде активна во зајакнување на мултилатерализмот.