Земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала утрово го погоди грчкиот остров Евија, кој се наоѓа североисточно од главниот град на земјата, соопшти Атинскиот геодинамички институт.
Потресот, кој го почувствувале и жителите на Атина, се случил околу 8:30 часот по локално време со епицентар на шест километри од градот Прокопи, во централниот дел на островот.
Како што пренесуваат грчките медиуми, засега нема информации за повредени лица или причинета материјална штета.
По овој земјотрес следувал уште еден потрес со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала на истата локација, седум минути подоцна.
Надлежните власти упатиле совет до жителите на островот да се оддалечат од старите згради и да избегнуваат области на патната мрежа каде постои опасност од лизгање на земјиштето, пишува „Катимерини“.