декември 18, 2024

Русија со нови воздушни напади врз Киев – дронови погодија згради во Москва

Русија започна нов бран напади со беспилотни летала врз Киев рано на 30 мај, при што загина најмалку едно лице, а неколку други беа повредени, соопштија украинските власти, додавајќи дека најголемиот дел од беспилотните летала биле соборени од украинската противвоздушна одбрана, пренесува Радио Слободна Европа.

„Едно лице загина. Вкупно четири жртви се хоспитализирани во областа Холосијевски. Лекарите пружиле помош на лице место“, напиша Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на Телеграм, додавајќи дека 20 лица се евакуирани.

Украинската војска соопшти дека нападот се состоел исклучиво од беспилотни летала од иранско производство.

„Вкупно 31 беспилотно летало камикази нападнаа од север и југ. Силите за противвоздушна одбрана уништија 29 беспилотни летала“, соопшти војската.

Русија ги засили ракетните и беспилотните напади врз Украина по затишје од речиси два месеци, таргетирајќи ги воените објекти и резерви со бранови напади неколку пати неделно.

Во меѓувреме, московскиот градоначалник Сергеј Собјанин на својот канал Телеграм објави дека утрото на 30 мај во руската престолнина се случил напад со дрон.

„Неколку згради претрпеа мала штета“ во нападот, рече Собјанин. „Никој не е сериозно ранет“, додаде тој.

Телеграмските канали известуваат дека утрото на 30 мај во московската област биле соборени повеќе од 10 дронови.

Претставник на службите за итни случаи изјави за РИА Новости дека беспилотни летала погодиле две станбени згради во Москва. Информацијата не можеше да се потврди независно. Рускиот истражен комитет соопшти дека нема повредени.

Read Previous

Костадинов: Уставните измени ќе дефинираат два блока – проевропски и изолациски

Read Next

Премиерот Ковачевски на Безбедносниот форум на Глобсек 2023 во Братислава