ноември 25, 2024

Да не се фрлаат легла со кучиња во Кавадарци и околината, апелираат активистите за заштита на животните

Да не се фрлаат легла со кучиња во Кавадарци и околината, апелираа попладнево активистите за заштита на животните, на фејсбук страната ,,Спаси живот, добиј живот, помогни на животните”.

Оттаму упатија апел до кавадарчани, за било какви проблеми во врска со ова, да побараат помош од здруженијата за заштита на животните, па заедно со нив и локалната самоуправа, да се надминат проблемите.

– Да почнеме да го менуваме менталитетот и системот, порачаа активистите за заштита на животните.

Пред неколку дена, од страна на градоначалниците на општините од Тиквешијата, јавноста беше информирана дека е потпишан договорот за изградба на “Регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство во Вардарскиот плански регион”, помеѓу Центарот за развој на Вардарски плански регион и изведувачот на работите, ,,АС машини” Кавадарци.

Локацијата на објектот на “Регионалниот центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство” е на парцела во општина Кавадарци, во населба Глишиќ, на површина од 5.470 квадратни метри, наменет за сите девет општини од Вардарскиот плански регион.

Финансиската конструкција на овој проект изнесува 14.892.319 денари. Дел од средствата во висина од 5.119.385 денари се обезбедени од Швајцарска амбасада, а дел од средствата во висина од 9.772.933 денари се обезбедени од Министерство за локална самоуправа.

Согласно динамиката за изведување на градежните работи, објектот треба да биде готов во наредните шест месеци.

Деветте општини во Вардарскиот плански регион усвоија модел за управување и организациона поставеност на прифатилиштето на регионално ниво, преку кој секоја општина обезбеди дополнителни средства за оперативни трошоци за работење на центарот.

Проектот, покрај изградбата на објектот, ги опфаќа и активностите, набавка на опрема и возило во рамки на стационарот, изработка и развој на веб сајт со дефинираните модули „Пријави бездомни животни и локација“ и „Вдоми милениче!“, како и систем за следење и регистрација на бездомни животни, активности за ветеринарен третман на бездомните животни и маркетинг активности за подигнување на свесноста, за вдомување на третирани бездомни животни.

Предвидените активности во рамки на проектот, треба да бидат реализирани до крајот на 2024 година.

„Регионален центар за грижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство во Вардарски плански регион“ се однесува на хуман третман на животните, со директно влијание врз здравјето и безбедноста на луѓето.

Read Previous

Реакција на Министерство за транспорт и врски на информација објавена на телевизија Телма за изградба на патните коридори 8 и 10 д

Read Next

Изгласани измените на Законот за возила – Преку утврдување на сопственичкиот статус, граѓаните ќе можат да станат сопственици на тракторите, тракторските приколки, мотокултиваторите…