ноември 26, 2024

Бочварски: Владата останува фокусирана на унапредување на авиосообраќајот

Владата останува фокусирана на унапредување на авиосообраќајот, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, на промоција на новата авиолинија Скопје – Франкфурт, на авиокомпанијата „Луфтханза“, изразувајќи задоволство од настанот.

Тој подвлече дека ова е уште еден значаен момент за развој на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија, бидејќи авиокомпанијата „Луфтханза“ за првпат воспоставува линија од нашата земја.

– Во име на Владата и Министерството за транспорт и врски, сакам да посакам добредојде во Република Северна Македонија и да ја изразам нашата благодарност за тоа што ја избраа нашата земја и Скопје за нивна нова дестинација. Со ова го потврдуваме пријателството меѓу двете земји. Нашата соработка ја подигнуваме на повисоко ниво, а тоа што е уште поважно, ги приближуваме народите од двете земји поблизу и полесно, нагласи министерот.

Бенефитот за Северна Македонија е уште поголем, додаде тој, бидејќи оваа линија го поврзува Меѓународниот аеродром Скопје, со главниот Меѓународен аеродром во Франкфурт, кој преставува порта за целиот свет.

– Од денеска нашите граѓани имаат можност да се поврзат со многубројни дестинации како низ Европа, така и низ останатите меѓународни и интерконтинентални аеродроми низ светот. Воспоставувањето на оваа линија има неколкукратно значење за Република Северна Македонија. Тоа се совпаѓа со нашите политики за развој на авиосообраќајот во земјава преку нудење на квалитетни услови и нови дестинации за нашите граѓани, посочи Бочварски.

Дополнително, нагласи министерот, создава можност за поефикасна конекција, а со тоа и нови можности за домашните компании, за проширување на сопствените бизниси и пласирање на производите на нови пазари.

– Секако, тоа е и во функција на нашите политики за привлекување на нови странски инвестиции, за развој на нашата земја. Веќе информиравме дека Министерството за транспорт и врски го реализираше јавниот повик за финансиска поддршка на нови авиолинии. Со поддршка на Владата, со зимскиот ред на летање ќе ги воспоставиме новите линии кон Љубљана, Салцбург, Штутгарт и Луксембург,  што е дополнителен стимул во развојот на авиосообраќајот во земјава, потсети Бочварски.

Тој подвлече дека се предвидени преку еден милион евра за оваа година, за финансиска поддршка.

– Морам да спомнам дека ова е наш заеднички успех, на Владата на Северна Македонија и нашиот партнер ТАВ, низ годините докажуваме дека умееме од Скопје и Охрид да направиме  атрактивни дестинации.  Тоа го потврдуваме со континуираниот раст на патници кои надминуваат преку два милиона годишно, со тенденција бројот да расте со мерките што ги реализираме. Ние како Влада и понатаму остануваме фокусирани на унапредување на авиосообраќајот. Нашата цел е да ги искористиме капацитетите на двата аеродрома и да го подобруваме авиосообраќајот преку реализација на мерки и политики во насока на обезбедување широка мрежа на линии, нагласи Бочварски.

Во таа насока, рече тој, се очекува и во наредниот период на македонскиот пазар да влезат нови авиокомпании, што ќе понудат атрактивни дестинации, нудејќи нови можности за граѓаните на Северна Македонија.

Според германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер, денешниот настан е добра вест за двете држави.

– Слетувањето на денешниот авион од Франкфурт на „Луфтханза“, тука, на аеродромот во Скопје, од страна на една од дамите коишто се пилоти и управуваат со воздухоплови, совршено слетување, претставува навистина добра вест. Добра вест за „Луфтханза“, добра вест за аеродромот во Скопје, добра вест за Северна Македонија, исто така за речиси сто илјади Македонци коишто живеат и работат во Германија. Покрај тоа, е навистина добра вест за сите во Германија коишто би биле заинтересирани да ја истражуваат убавината на оваа земја, нејзината прекрасна природа, огромното културно наследство, огромното историско наследство, одличната храна, како и неверојатната љубезност и гостопримливост на луѓето, децидна беше  Дрекслер.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак соопшти дека „Луфтханза“ ќе лета на линијата Франкфурт – Скопје секој ден, седум дена неделно, а во некои денови ќе има и по две ротации дневно.

-Франкфуртскиот аеродром е главниот аеродром во градот Франкфурт и е главното воздухопловно пристаниште за „Луфтханза“ и еден од најважните аеродроми за трансфери во Европа, што ги поврзува патниците со повеќе од 300 дестинации во светот. Дневната фреквенција на овие летови е одлична можност за нашите патници, кои често патуваат во Германија, како и патниците кои би го искористиле аеродромот во Франкфурт како аеродром за трансфер за да стигнат до Северна Америка или други далечни дестинации на другите континенти, истакна Батак.

Според него, авиолинијата Франкфурт – Скопје на „Луфтханза“ е важна за македонската дијаспора, за бизнис – патниците, како и за оние кои летаат заради туристички причини и одмор.

– Дополнително, оваа линија ќе понуди нови можности за товарниот воздушен сообраќај, со оглед на тоа што Германија е главниот трговски партнер на Северна Македонија. Сигурни сме дека присуството на „Луфтханза“ ќе додаде дополнителна вредност за сите патници од Меѓународниот Аеродром Скопје, за услугите на ТАВ Македонија, како и за целокупниот македонски авијациски пазар, напомена Батак.

Петер Пулем, постар директор за продажба во групацијата „Луфтханза“ за Централна и Источна Европа, Русија, Заедницата на независни држави и Израел, соопшти дека „од денеска „Луфтханза“ е третиот авиопревозник од нашата групација и отсега ќе лета секој ден до главниот град Скопје“.

– Германската авиокомпанија „Луфтханза“ е најголемата авиокомпанија во групацијата. Со повеќе од 100.000 Македонци кои живеат во Германија, Франкфурт е навистина многу атрактивна дестинација за нивните фамилии и пријатели од Северна Македонија. Како резултат на големата побарувачка за летови до Германија и пошироко, ние сега можеме да им понудиме на патниците постојани летови до нашето најголемо воздухопловно пристаниште во Франкфурт, со авиони од типот „Ербас А319“, „Ербас А320“ или „Ербас 320НЕО“. Цените на повратните авиобилети од Скопје до Франкфурт почнуваат од 169 евра, а картите можат да се купат во многу туристички агенции или на веб-страницата lufthansa.com. Доколку сé уште не сте го посетиле Франкфрут, сега имате можност да го сторите тоа, а летот што трае 2,5 часа ќе ве однесе до срцето на Западна Европа. Франкфурт е глобален центар за бизнис, туризам и култура и нуди широк спектар на туристички атракции и знаменитости, вклучувајќи светски културни настани и саеми, појасни Пулем.

Read Previous

Работната група за уставни измени се очекува в среда или четврток да почне со работа

Read Next

Секојдневно труење на кучиња низ велешките улици, надлежните да постапуваат соодветно