Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) во четвртокот ја објави новата ранкинг-листа на најдобри фудбалски селекции на планетата.
Во првата репрезентативна пауза оваа година, Македонија забележа две победи, против Малта во квалификациите за Европското првенство и на пријателскиот натпревар со Фарски Острови, но не ја промени својата позиција во ФИФА ранкингот. Македонија останува на 65. место во светот со 1.355 бода, 25 бода помалку од Исланд, кој е на 64. место.
Промени имаше на самиот врв. По пауза од повеќе од шест години Аргентина се врати на лидерската позиција. Светските шампиони го прескокнаа Бразил откако забележаа победи на пријателските средби со Панама и Курасао, а во исто време кога нивните лути ривали загубија од Мароко. Франција, со победите над Ирска и Холандија исто така, ги помина Бразилците и сега е на второто место.