Новите мерки кои ги донесе Владата на вчерашната седница, денеска се ефектуираа на пазарите и маркетите. Цените на овошјата и зеленчукот кои се дел од мерките беа намалени.
Владата вчера ја објави одлуката за замрзнување на цените на неколку важни зеленчукови и овошје со цел да се заузда инфлацијата и да им се помогне на граѓаните за време на најголемата светска економска криза во поновото време.
Според одлуката, цените на доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперот, гравот, леќата, бананите, портокалите и мандарините ќе бидат замрзнати на максимум 75 денари за килограм, а цената на лимонот ќе биде максимум 55 денари за килограм.
Имено, директорот на пазарниот инспекторат објави дека ќе се преземат посериозни мерки против фирмите кои не ги почитуваат одлуките на Владата, и овој пат во инспекцијата ќе бидат вклучени и УЈП и полицијата.
Како што појасни министерот Бектеши согласно анализите од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како и Царинската управа утврдено е дека кај некои трговци за овошјето и зеленчукот утврдени се маржи кои за жал достигнувале во текот на март до 200 и 250%.
„Разговаравме со сите производители на овошје и зеленчук и со сите трговци на овошје и зеленчук, и овие производи имаат кало, односно растур од 10%, затоа утврдивме да одиме со овие највисоки цени во кои има вклучено маржа и до 40%.
Претходно Владата одлучи да утврди највисоки цени на тоалетна хартија,влажни марамчиња,пелени за деца и возрасни (дајперси) и хигиенски влошки кои се применувале на 20 март во трговијата на мало, кои цени беа намалувалени за 13%.
Покрај цените на лебот, млечните производи, јајцата и тестенините, намалена беше и цената на оризот.
Се повеќе се зборува дека можно замрзнување на цените во пресрет на празниците ќе има и на месните производи, за што засега се прават анализи.
Владата со серија мерки ја закочи високата инфлација која ја погоди Македонија и Светот.
Растот на минималната плата на 20.175 денари и на пензиите за 8.4 отсто допрва ќе покажат позитивни резултати за џебот на граѓаните.