Советот на Град Скопје вчера по втор пат го блокираше предлогот на градоначалничката Данела Арсовска за домашно долгорочно задолжување за набавка на еко автобусите.
Советниците на Град Скопје кои не дадоа поддршка на предлогот велат дека не добиле доволно информации околу начинот на набавката.
Од кабинетот на Арсовска преку писмено соопштение изразија жалење за, како што се велат, одлуката на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ повторно да си ги задоволат партиските лидери и здружено да работат на штета на скопјани.
-Скопје има потреба од нови еко-автобуси заради намалување на аерозагадувањето и подобрување на услугите во јавниот транспорт. Сите балкански и европски метрополи континуирано го обновуваат возниот парк, но таму нема ликови на кои „медот“ им е поважен од благосостојбата на граѓаните. На советниците им беше дадена можност самите да ги изберат условите за кредитирањето на проектот и спецификациите за набавка на автобусите. Сепак, партиите одлучија да продолжат со своето деструктивно однесување. Наместо да надвладее разумот, надвладеа суетата на двете најголеми политички партии во Македонија. Сметаме дека е крајно лицемерно советниците кои граѓаните ги плаќаат со 500 евра месечно, да не покажат апсолутно никаква грижа за истите тие граѓани, велат од Градот.
Вториот обид на градоначалничката доаѓа по неуспешниот обид пред два месеца кога таа бараше од советниците да биде изгласан нејзиниот предлог за задолжување за набавка на нови еколошки автобуси.
Според предлогот, се предвидува задолжување на градот за набавка на 50 еколошки автобуси во вредност од 620 милиони денари, односно околу 10 милиони евра.
Градоначалничката Арсовска за време на нејзината предизборна кампања на локалните избори во 2021 година, во рамки на програмата „За Модерно Скопје“ најави 250 нови еколошки автобуси со коишто се планира да се реши сообраќајниот хаос и да се обезбеди подобра и побрза поврзаност во градот.
На седницата советниците не го прифатија ниту предлогот за определување на износ за субвенционирање за купено ново еко возило на хибриден или електричен погон. Со овој пилот проект се предвидуваше Градот Скопје да субвенционира 200 илјади денари по возило.
Арсовска најави дека нема да се откаже од барањето и ќе продолжи да бара од советот да прифати да се задолжи. Сепак, иако засега нема абер скопјани да добијат нови автобуси, набзо ќе може да се возат во „старите“ приватнички автобуси.
Откако градските власти и приватните превозници си подадоа рака и се договорија приватниците да учествуваат во повикот објавен од Град Скопје, вчера се случи и отворањето на пристигнатите понуди.
Превозниците аплицирале со три новорегистрирани фирми, за трите пакети линии за коишто има потреба од дополнителен автобуски превоз.
За конечните одлуки ќе се знае за некоку дена, кога градот ќе одлучува по пристигнатите понуди.
Град Скопје бараше превозници за три пакети линии. Во првиот пакет се опфатени линиите со броевите „23“, „45“, „61“, „63“ и „73“, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76-мина возачи. Вториот пакет е за превоз на линиите „9“, „11“, „11а“, „12“, „47а“ и „55“. За овој пакет се потребни 39 автобуси и 83 возачи. Третиот пакет ги опфаќа линиите „19“, „20“, „22“, „52“ и „54“, за што се бараат вкупно 41 автобус и 87-мина возачи.
Комисијата за еваулација ќе изготви извештај со предлози на кои ќе им бидат доделени линиите, по што градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ќе го има конечниот потпис на решенијата за секоја линија од доделениот пакет.
„Градот Скопје и избраниот подносител на пријава склучуваат договор во рок од осум дена од денот на приемот на известувањето за конечноста на решението. Ако избраниот подносител на пријава не се јави во рокот наведен во поканата за склучување, односно потпишување на договорот, Градот Скопје ќе определи нов термин, кој не може да биде подолг од пет дена од денот на приемот на известувањето за новиот термин. Доколку не се јави и не го потпише договорот ниту во новиот термин, ќе се смета дека се откажал од доделената линија, а донесеното решение ќе се поништи и ќе се наплати доставената гаранција за учество на јавниот оглас, се вели во јавниот оглас.
Превземено од 24.инфо.мк