октомври 31, 2024

Османи за руската агресија врз Украина: Не можеме да останеме неутрални!

Ставот на Северна Македонија во однос на агресијата врз Украина, не е став кон рускиот народ и кон Русија, туку кон агресивното однесување на руските власти кое го загрозува светскиот мир, преку рушење на основните принципи на кои се темели мирот во светот, во Европа и во земјава, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

– Тоа се принципи, кои го одржуваат и мирот во нашата држава. Нашите граѓани уживаат мир, затоа што после Втората светска војна е воспоставен меѓународен правен ред и поредок кој што спречува државите насилно да ги нападнат соседните држави, рече Османи на прес-конференција за време на министерскиот состанок на Иницијативата „САД-Јадранска Повелба“ (А5), што денеска се одржува во Скопје.

Во одговор на новинарско прашање за коментар на оценката на Москва дека земјава направила грешка со испраќањето оружје за Украина, Османи истакна дека Северна Македонија не може да остане неутрална во услови кога Руската Федерација насилно и неоправдано ги прекрши основните принципи на меѓународното право и на меѓународното хуманитарно право, кои воедно се и принципи на европската безбедносна архитектура кои го одржуваат мирот во Европа во последните 70 години.

– Ние не даваме оружје на Украина за да нападне друга држава, туку за да се брани. Денес Украина не ги брани само сопствените граѓани и сопствениот мир. Денес украинските војници и украинскиот народ се борат и за нашиот мир. Се борат и за нашите вредности, рече Османи.

Тој посочи дека самиот фактот што земјава е дел од тој систем на вредности, во кој што доминира принципот на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на суверените држави, владеењето на правото, демократијата и човековите права, покажува дека сме на вистинската страна на историјата.

– Билатералните односи со Русија сега се многу помалку важни од загрозувањето на мирот што започна со руското агресивно однесување и ја отвора Пандорината кутија за слично такво однесување на агресивните режими, нагласи Османи.

Шефот на дипломатијата потенцира дека ако се дозволи голема земја да го нападне својот помал сосед, тогаш тоа ќе стане правило и никој утре не може да спречи такво сценарио и во други региони.

– Затоа денеска треба да се каже стоп на праксата државите да го нарушуваат територијалниот интегритет и суверенитетот на соседните држави, додаде Османи.

Тој посочи дека на денешниот министерски состанок на А5 виртуелно се обратил и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, кој и се заблагодарил на земјава за политичката и хуманитарната поддршка и изразил поддршка за Јадранската повелба како платформа за концентрирање на евроатлантската енергија во регионот.

– Каде што има евроатлантска енергија, таму има мир, таму има стабилност, тоа се докажува сега. Во земјите каде што го нема НАТО чадорот, постои војна, постојат ризици. Од перспективата на Украина можеби најдобро се гледа важноста на фактот дека ние сме денес во НАТО, истакна Османи, потсетувајќи дека вчера земјава одбележа три години од зачленувањето во Алијансата.

Според  него, токму членството на земјава во НАТО, ни го овозможува комодитетот да живееме во мир и покрај фактот што во наша близина има војна.

Read Previous

Оази на мирот: Објавена листа на најмирни градови во светот

Read Next

Средношколците и МОН се договорија за полагањето на првиот екстерен испит