Јасно е и извесно дека Северна Македонија ќе стане членка на Европската унија. Со поднесувањето на барањето за членство во Унијата, во Даблин пред 19 години, македонската Влада избра европска иднина за земјата, со што и официјално го започнавме нашето патување низ бриселските процедури до членство во ЕУ, објави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на официјалниот Фејсбук профил.
-После 18 години чекање за почеток на преговори со ЕУ и тешките и државнички одлуки кои ги донесовме, успеавме членството на Северна Македонија во ЕУ да го направиме реално и сигурно. Сега е прашање само на мудро искористување на околностите и нашата подготвеност. Денес не треба да имаме дилема дали требаше или не да се поднесе апликацијата во Даблин. Стратешки ја позициониравме државата и застанавме на страната на европските вредности, мирот, стабилноста и просперитетот, пишува Маричиќ.
Додава дека наша одговорност е како и пред 19 години сите да се обединиме околу европската перспектива и барањето за членство во ЕУ да го направиме реалност.
-Ги имаме сите услови, и позитивна атмосфера и политички моментум, за тоа да го направиме и да ја исполниме желбата на претседателот Борис Трајковски, кој својот последен потпис го стави токму на документот за членство во ЕУ. Минатата година направивме напредок и исчекор во евроинтеграциите. Очекувам да го задржиме позитивниот имиџ кој го имаме во ЕУ и местото во процесот на евроинтеграција како кандидат, место во иднината на ЕУ, дополнува Маричиќ во објавата на Фејсбук.