ноември 24, 2024

Шаќири: Обезбедени над 18 милиони евра за капитални инвестиции, приоритет се реформите и подобрување на образовната инфраструктура

Приоритет ставам на покрупните реформски процеси кои веќе се започнати, да овозможиме континуитет и нивно целосно ефектуирање. Ќе ја издвојам промената во основното образование. Годинава имаме опфат на нови одделенија за кои се изработуваат наставни планови, програми и учебници кои мора да бидат подготвени и достапни пред 1 септември, вели министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Во меѓувреме, како што истакнува Шаќири во интервјуто за Факултети.мк, ќе се посветиме на подобрување на образовната инфраструктура, не само во основното туку и во средното и високото образование.

-Мора да обезбедиме пристојни услови за настава за сите ученици и студенти. Обезбеден е убедливо најголем буџет досега за капитални инвестиции, над 18 милиони евра. Планираме изградба на 3-4 училишта, реконструкција на 118 училишни објекти, изградба на 10-ина спортски сали, нов универзитетски кампус за „Мајка Тереза“, како и да продолжи изградбата на ФИНКИ и ФФК, нагласува министерот за образование и наука.

За него, управувањето на ваков сектор, како што е образованието, не може да се сведе само на кабинетска работа.

– Напротив, морате да излезете на терен, да се соочите и да разговарате со сите чинители во сферата преку зачестени посети по училиштата, редовна комуникација со училишните менаџменти и со самите општини, затоа што така и низ редовна комуникација најдобро се детектираат предизвиците на воспитно-образовниот процес, вели Шаќири.

Во интервјуто министерот додава дека видел модерни, но и училишта каде што условите за настава се на долниот праг на скалата на квалитетот.

– Училишта чии капацитети се максимално искористени и имаат огромен број ученици и училишта кои се речиси празни, а продуцираат големи трошоци. Затоа пристапивме кон процес за оптимизирање на училишната мрежа, за да може порационално да се користат расположливите финансиски, материјални и човечки ресурси. Ни претстои и унапредување на законската регулатива, односно измени и усвојување на низа нови законски решенија за средното образование, за стручно образование и обука, за образование на возрасните, нов Закон за учебници и Закон за високо образование заради обезбедување повеќе права и можности на нашите граѓани во сферата на образованието, истакнува Шаќири.

Read Previous

Инфлацијата ги тера луѓето во долгови

Read Next

Барселона сака да го врати Меси, но финансиската ситуација…