ноември 24, 2024

Инфлацијата ги тера луѓето во долгови

Милиони луѓе очигледно не можат да се справат со високите животни трошоци и затоа влегуваат во минус на своите сметки, покажува анкета на Здружението на централите за заштита на потрошувачите.

Секој седми граѓанин во Германија во рок од три месеци ја пречекорил својата сметка или зел краткорочен кредит од банката за покривање на минусот, покажува студија на централите за заштита на потрошувачите, до која стигнал јавниот германски сервис АРД. Околу половина од засегнатите признале дека причина се високите трошоци предизвикани од инфлацијата или зголемените цени на енергенсите.

Девет проценти сметаат дека на долг рок нема да можат да се носат со нараснатите животни трошоци и ќе мора да се задолжат. Во рамките на репрезентативната студија биле анкетирани околу 1000 граѓани. Централите за заштита на потрошувачите гледаат критички на развојот на ситуацијата. Исто како и другите потрошувачки кредити, краткорочниот заем кој го дава банката односно можноста за влегување во минусно салдо до одредена сума, не е наменет за финансирање на животот, туку за краткорочни набавки, истакнува претседателот на Здружението на централите за заштита на потрошувачите (ВЦБВ), Рамона Поп во интервју за СВР: „Со загриженост гледаме дека покачените трошоци за живот, од зголемните цени на енергијата до оние на прехранбените продукти, ги тераат луѓето да земаат кредити,зашто редовните приходи не стигнуваат да ги покријат расходите.“

„Банкарските камати на минусните сметки се неморални“

Кредит кај банката во форма на влегување во минус на сметката на прв поглед се чини практичен – тој автоматски им е достапен на најголем дел од корисниците и не мора да се поднесува специјално барање за него. Едноставно, се влегува во минус на сметката. Но проблемот е во тоа што каматите за ваквите кредити се по правило многу високи. Најскапата банка за ваков кредит годишно пресметува камата повеќе од 14 проценти, а во просек муштериите плаќаат десет проценти.

Здружението на германските народни банки тука не гледа проблем: „Благодарение на големата понуда, банкарските клиенти можат сами да одлучат каде и под какви услови ќе земат еден ваков краткорочен кредит за влегување во минусно салдо“, велат оттаму.

Каматите на кредитите за влегување во минусно салдо се неморални и неосновани, вели напротив Кристијан Герке, поранешен министер за финансии во Бранденбург, а сега портпарол за финансиски прашања на партијата Левица во Бундестагот. Тој, заедно со својата пратеничка група, бара ограничување на овие камати на најмногу пет проценти над основната каматна стапка утврдена од Европската централна банка. Во сегашните услови, тоа би биле максимално осум проценти. „Тоа е исто така многу, но не се десет, дванаесет проценти“, вели Герке.

Централите за заштита на потрошувачите во ова барање гледаат повеќе сузбивање на симптомите, а не на причините и затоа не поддржуваат плафон за банкарските камати за влегување во минусно салдо. „Според нас многу поважно е да се изврши промена на рамките за добивање ваков кредит за влегување во минус на сметката, за луѓето да не остануваат предолго во него“, вели експертката Поп.

Односно – без содветна проверка на кредитоспособноста да не биде можно влегување во толку голем „кредитиран минус“. „Кај многумина тоа се суми кои одговараат на нивните две или тримесечни месечни примања. Ако еднаш се влезе во ваков минус, шансата да се излезе од него е многу мала“, истакнува Поп.

Ќе има ли промени?

Дали е реално очекувањето овие предлози да се реализираат? Можноста предлогот на Левица да најде мнозинство во Бундестагот е исклучително мала. Но, сепак може нешто да се придвижи: Сојузното министерство за заштита на животната средина и заштита на потрошувачите укажува на коалицискиот договор во кој е предвидено да се преземе нешто повеќе против преголемото задолжување.

И Европската унија работи на оваа тема. Во дискусија меѓу другото е потрошувачките кредити да смеат да се даваат само ако поднесителот на барањето има соодветен бонитет, значи – ако може да го отплати кредитот.

Финансиската експертка Поп со тоа би била задоволна, но сепак им советува на луѓето кои имаат проблеми со моменталните високи цени, да ги користат понудите на советувалиштата, на пример на локалните централи за заштита на потрошувачите. Таа полага надежи и во мерките за помош кои ги носи сојузната влада: „Сега ќе стигнат ограничувања на цените и да се надеваме дека тие ќе бидат ефикасни. А претстојат и нови тарифни преговори во врска со платите“.

Read Previous

Известувачката на ЕП за Косово: Се надевам дека во Охрид ќе се постигне договор меѓу Косово и Србија

Read Next

Шаќири: Обезбедени над 18 милиони евра за капитални инвестиции, приоритет се реформите и подобрување на образовната инфраструктура