ноември 23, 2024

Зеленски отпушти петмина високи функционери во украинската тајна служба

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера со претседателски декрети ги разреши заменик-шефот на Украинската служба за безбедност (СБУ), Александар Јакушев, раководителите на две одделенија и раководителите на СБУ во два украински региона. Разрешените функционери се раководителот на Одделот за економска поддршка Олександр Провоторов, раководителот на Одделот за заштита на државни тајни и лиценцирање Ихор Ношко, раководителот на СБУ во Запорошкиот Регион Борис Безрукји и раководителот на СБУ во Сумскиот Регион Едуард Федоров.

Зеленски веќе назначи нови луѓе на две од петте испразнети позиции, пишува „Киев индипендент“. Ова не се први промени во украинската тајна служба од почетокот на руската инвазија бидејќи првиот човек на СБУ, Иван Баканов, беше разрешен во јули минатата година. Украинскиот парламент на 7 февруари го назначи Василиј Малиук за нов шеф.

Антикорупционерите тврдат дека Малиук е близок со Олех Татаров, озлогласениот заменик-шеф на кабинетот на украинскиот претседател. Во 2020 година Татаров беше обвинет за поткуп, но случајот на крајот беше отфрлен бидејќи, како што некои шпекулираа, Татаров имал огромно влијание во полицијата и судството.

Малиук беше именуван за нов шеф само неколку дена по антикорупциската акција во која беа претресени домовите на моќниот олигарх Ихор Коломојски и поранешниот министер за внатрешни работи Арсен Аваков. Оваа акција од големи размери беше дел од напорите на украинската влада да му докаже на Западот дека навистина се бори против корупцијата.

Read Previous

Американската Агенција за храна и лекови го одобри првиот домашен тест за ковид и грип

Read Next

Силен земјотрес ги погоди Филипините