Министерството за надворешни работи соопшти дека во текот на вчерашниот ден стапило во контакт со колегите од српското МНР, упатувајќи реакција со осуда „за провокативните навреди и пароли“ демонстрирани за време на ракометниот натпреварот во Белград меѓу „Партизан“ и „Вардар“ од страна на навивачката група на белградскиот клуб.
– Со овие непријатни активности освен што беа погазени принципите за фер и спортско однесување, беа длабоко повредени достоинството на Република Северна Македонија и нејзините граѓани. Министерството укажа дека ваквите реакции од групи поединци воопшто не се во духот на одличните билатерални односи кои ги негуваат двете земји, се наведува во соопштението на МНР.
Министерството додава дека од српската страна, преку амбасадорката на Србија во земјава, изразила жалење и се оградила од овие „изолирани случаи на поединци, кои на никаков начин не ги отсликуваат позициите на официјален Белград во однос на нашата земја, ниту пак се во духот на заемните заложби за јакнење на севкупни билатерални односи меѓу двете земји“.