ноември 22, 2024

Николоски-Дали влезот на Таравари во Влада е уценет со куќа во Тафталиџе?

Бледо обраќање со многу флоскули и работи кои се на раб на политички реченици кои се повторуваат често на политичката сцена и се без суштина.

Вака потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски го оцени обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски во кое го образложи предлогот за реконструкција на Владата.

Пазарењето за влегувањето на Алијанса за Албанците во владината коалиција, тој го оцени како политичка проституција и корупција и праша која е поентата да се оди на избори ако сите сакаат да се во иста влада.

„Алијанса реши да влезе и на тој начин да го продолжи животот на можеби најслабата влада која Македонија кога било ја видела, Влада со најслаб легитимитет помеѓу граѓаните, особено помеѓу македонскиот народ. Ако не знаете како изгледа политичка корупција и проституција еве ја денес на сцена јасната политичка проституција и корупција која се случува во Македонија затоа што во Македонија изборите губат смисла. Која е поентата на се излегува на избори ако сите сакаат во Влада, која е поентата да има политички опонент и демократија ако сите сакаат да влезат во Влада и на крај која е поентата Алијанса да се бори против ДУИ на избори ако на крај сакаат и едните и другите да бидат во иста Влада. Тоа не е никако поинаку освен политичка корупција и проституција и тоа од оние кои деновиве устата им е полна дека ќе се борат со криминал и корупција. Како кога влегуваат во Влада која убедливо е најкорумпирана?“, рече Николоски.

Тој го прозва лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, прашувајќи го дали цената за неговиот влез во Владата е куќа во Тафталиџе, Скопје, од 256 квадратни метри која наводно ја платил 150 илјади евра.

Јас овој Арбен Таравари, рече Николоски, не го препознавам.

„Дали се работи за уцена и од кој вид? Дали се работи за уцена со цел влегување во Влада? Дали можеби природата на уцената е една убава куќа во еден елитен дел во Скопје, во населбата Тафталиџе која Арбен Таравари изминатиот период ја доби на поклон? Зошто велам на поклон? Затоа што во неговиот имотен лист пријавил дека куќа од 256 квадрати купил за 150 илјади евра. Како во центарот на Скопје се купува куќа по 500 евра квадрат? Но и дали воопшто тие 150 илјади евра воопшто се платени зашто според нашите сознанија нема трансакции и на тие 150 илјади евра. Дали една од цените за влез во Владата е убавата куќа во Тафталиџе која му е поклонета на господинот Арбен Таравари, исто така, од еден функционер во оваа Влада од ДУИ?“,рече Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека комшија на Таравари ќе му биде Фатмир Бесими, па повика Антикорупциската комисија да истражи како тие купиле куќи за цена од 200 до 500 евра по квадрат во ваква елитна населба во Скопје.

„Таравари ќе е комшија на уште еден кој очигледно евтино купува. Ако го отворите имотниот лист на министерот за финансии Фатмир Бесими кој му е комшија, ќе видите дека пријавил куќа од дури 410 квадратни метри во вредност од 110 илјади евра. Па како се купува ваква квадратура за оваа цена. Тоа се новите комшии – Арбен Таравари и Фатмир Бесими. Двајцата треба да дадат одговор и ја повикувам Антикорупциска да испита како е можно во Тафталиџе граѓаните кога ќе сакаат да купат куќа да ја купуваат од 2-3 000 евра квадратен метар, а двајцата функционери во владата да ја купуваат некаде за 200 до 500 евра метар квадратен“, рече Николоски.

Пратеникот од Алијанса за Албанците, Елми Азири, пак, во реплика му одговори дека се знае кој во оваа земја е шампион во корупција и чиј функционери шетаат по судови.

„Во однос на корупцијата и политичката проституција. Ве молам, не поминаа четири-пет години, ние знаеме кој е шампион во земјава за политичка корупција и чиј функционери се шетаат по судови во Македонија. Затоа остави ја демагогијата по однос на Арбен Таравари и неговата куќа, тој е име во својата каста, име во својата професија. Арбен Таравари три-четири пати ги предизвикува сите политички субјекти во градот во кој живее, Таравари и Алијанса ќе ги предизвикаат сите политички субјекти кои ќе ја вратат земјата во автократија. Алијанса и оваа Влада има свои сојузници во Брисел и Вашингтон“, рече Азири.

Пред да почне дебата на седницата за разрешување министри и заменици-министри, како и за именување на нови министри, премиерот Димитар Ковачевски го образложи и оцени дека реконструкцијата ќе донесе нова енергија, но и ќе стави крај на манипулациите и лагите за предвремени избори.

Според предлогот на Ковачевски, разрешување се предлага на министрите за здравство – Беким Сали, за информатичко општество и администрација – Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, како и замениците за земјоделство – Абдулшуќур Абедини и за образование и наука – Лулзим Алиу. Сите се кадри на Алтернатива.

Предлог за разрешување има и за заменик-министерот за одбрана Башким Хасани кој е дел од „огнената група“ во ДУИ.

Претходно, пак, Собранието констатираше дека оставки поднеле министрите за правда Никола Тупанчески (СДСМ) и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини (ДУИ), како и за заменик-министрите за правда Агим Нухиу (ДУИ) и за здравство Владимир Рендевски (СДСМ).

Според договорот кој беше постигнат во новата владина коалиција, новите кадровски решенија во Владата ќе бидат:

Предложените нови министри се:

Кренар Лога (Алијанса) – министер за правда;
Фатмир Меџити (Алијанса) – министер за здравство;
Азир Алиу (Алијанса) – министер за информатичко општество и администрација;
Каја Шукова (СДСМ) – министерка за животна средина и просторно планирање;
Тирон Јајага (Алијанса) – заменик-министер за одбрана;
Вјолца Бериша (Алијанса) – заменик-министерка за земјоделство;
Викторија Аврамовска-Мандиќ (СДСМ) – заменик-министерка за правда;
Маја Манолева (СДСМ) – заменик-министерка за здравство;
Агим Нухиу (ДУИ) – заменик-министер за образование и наука.

Read Previous

Содер е убеден дека Албанија набрзо ќе стане дел од европското семејство, Рама одби да ги коментира протестите на опозицијата

Read Next

Кермес за солидарност со Турција во Старата Скопска чаршија