По вчерашната средба на Арбен Таравари и Димитар Ковачевски во Владата и синоќешниот извршен одбор на СДСМ, на кој беа дадени насоки да се продолжат преговорите за влез на Алијанса на Албанците во Владата, Centar.mk од свои извори дознава дека владината коалиција не само што ќе се прошири на национално ниво, туку соработката би можела да се преслика и на локално ниво преку советите во општините.
Ова ќе значи една поинаква слика и во советите на локално ниво, што може да резултира со промена на мнозинството на локално ниво каде владее опозицијата.
Centar.mk дознава дека за социјалдемократите е важно во коалицијата да остане и Алтернатива и по влезот на Алијанса на Албанците во Владата, со што би се добило силно и стабилно мнозинство на про-европските сили.
Инаку како што претходно објавивме извршниот одбор на СДСМ едногласно одлучи, партијата да ги продолжи разговорите со Алијанса врз основа на политички и програмски принципи.
Според вчерашните информации, понатамошните разговори со Алијанса, ИО на СДСМ одреди Работна група во која покрај претседателот ќе учествуваат и Миле Зечевиќ – генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски – член на Централниот одбор и Јован Митрески – координатор на ПГ на СДСМ, велат од СДСМ.
Со проширувањето на коалицијата се очекува Владата да добие стабилно мнозинство, но и да биде поблиску до бројката од 80 пратеници за промена на Уставот.
Меѓународната заедница, особено САД, изминатиот период ги охрабри прогресивните про-европски партии да се обединат низ преговорите за ЕУ, се до полноправно членство на Македонија во унијата.
Превземено од Centar.mk