ноември 23, 2024

Пронајдена црната кутија од местото на кое се урна авионот во Непал

Еден ден по падот на патничкиот авион во Непал, надлежните спасувачки екипи ја пронајдоа црната кутија од авионот, која ги содржи податоците за летот и снимачот на глас во пилотската кабина, изјавил портпаролот на Управата за цивилно воздухопловство на Непал додавајќи оти тие потоа ќе им бидат предадени на истражителите, пренесе Асошиејтед прес (АП).

Портпаролот на „Јети ерлајнс“, во чија сопственост е авионот АТР 72 кој се урна, исто, така, потврдил дека се пронајдени и податоците за летот и снимачите на гласот од пилотската кабина.

Во Непал денеска е прогласен националниот ден на жалост, а формиран е и експертски тим кој ќе ја истражи несреќата и ќе предложи мерки за да се избегнат вакви инциденти во иднина.

Во меѓувреме, спасувачките екипи ја продолжуваат потрагата по четворицата патници кои се водат за исчезнати.

Во авионот кој летал од Катманду до Покара, почетната точка за експедиции до познатата планина Анапурна, имало 57 непалски државјани, петмина Индијци, четворица Руси, двајца државјани на Јужна Кореја и по едно лице од Аргентина, Ирска, Австралија и Франција.

Останува нејасно што ја предизвикало најсмртоносната авионска несреќа во хималајската земја во последните три децении.

Во авионски или хеликоптерски несреќи во Непал од 2000 година наваму загинаа речиси 350 луѓе.

Непал е дом на осум од четиринаесетте највисоки планини, вклучувајќи го и Монт Еверест, каде што честите ненадејни промени на времето може да создадат опасни услови за летање.

Read Previous

За 30 години никој не сакаше да изгради автопат кон Албанија, ние ќе го градиме, порача Ковачевски кој најави изградба на 4 автопати

Read Next

По бегството на Беким Мемети извршен вонреден надзор во затворот „Идризово“