Претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи денеска за време на посетата на Украина оствари работна средба со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. Османи најсилно ја осуди континуираната руска агресија против Украина. Тој потенцираше дека нападите врз цивилни цели немаат никакво оправдување. Изрази осуда за последниот што се случи во Днепар, во кој имаше и цивилни жртви и повредени деца. Османи ја повика Руската Федерација да ја прекине војната и повторно да се посвети на принципите на ОБСЕ, преку дипломатски пат да се решат сите предизвици. Претседавачот со Организацијата изрази солидарност и сочувство кон сите украински мажи и жени, истакнувајќи дека нивната смелост и храброст се за восхит.
„Ова не е првпат да ја посетам Украина од почетокот на агресијата. Се надевав дека агресијата ќе престане и дека страдањата ќе престанат, при мојата наредна посета на Украина во својство на претседавач со ОБСЕ. Секое повторно лично сведочење на уништени домови и уништени човечки судбини предизвикува вознемиреност. Стоејќи овде како претседавач со ОБСЕ, ја повикувам Руската Федерација да ја прекине оваа војна, да ги повлече своите трупи од Украина, да се врати на принципите и вредностите на ОБСЕ и одново да се приклони кон дипломатијата“ изјави Османи.
Фокусот и главниот приоритет на Организацијата годинава ќе биде Украина, потенцираше Османи. Повика на одговорност за сите извршени злосторства. Секој еден изгубен живот или уништена иднина е превисока цена што ја плаќа овој народ истакна Османи.
„Канцеларијата на Високиот Комесар за човекови права на ОН документира над 18.000 жртви од почетокот на агресијата. Вистинскиот број на загинати или повредени лица е веројатно поголем. Покрај тоа, ОН (УНХЦР) евидентираше речиси осум милиони украински бегалци низ Европа. Речиси пет милиони се внатрешно раселени. Овие бројки се шокантни. Дури и да се работи само за еден изгубен живот или уништена иднина, тоа е превисока цена за плаќање. Оние кои се одговорни за изложување на невини луѓе на застрашувачки дела, мора да одговараат“ рече Османи.
Посетата на Османи на Украина е показател за посветеноста и непоколебливоста на Организацијата да најде начин да се врати мирот во земјата. Претседавачот истакна дека ОБСЕ ќе ги стави на располагање сите свои алатки и механизми да го постигне тоа.
„Северна Македонија на чело на Организацијата, ќе служи како чувар на договорените принципи на ОБСЕ. Можете да сметате на тоа. Ќе ги поддржиме сите иницијативи кои ќе доведат до праведен и одржлив мир, обезбедувајќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници и ќе поставиме основа за мирно да се разговара за сите прашања“ изјави Османи.
Османи изрази надеж дека годинава ќе сведочиме за враќањето на мирот во Украина.
„Откако ќе се врати мирот и Русија ќе ги повлече своите сили од суверена територија на Украина, ОБСЕ ќе го понуди својот инструментариум на алатки за да ѝ помогне на Украина да се опорави од штетите од оваа војна. ОБСЕ, за време на војната, помага преку Програмата за поддршка на Украина финансирана од донатори, но ќе направи уште повеќе кога ќе настапи мирот. Се надевам и верувам дека ќе бидам сведок на почетокот на мирот и закрепнувањето за време на нашето претседавање. Ние сме цврсто решени целосно да се ангажираме за да се случи токму тоа“ истакна Османи.