Претставници на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) го обвинија косовскиот премиер Албин Курти дека заедно со косовскиот амбасадор во Хрватска, Мартин Беришај е вмешан во финансиска афера за која подолго време се објавува на медиумите во Словенија. Членот на Претседателството на ДСК Џафер Тахири на прес-конференција изјави дека последната изборна кампања на Курти била финансирана со сомнителни пари. „Овој скандал е се поголем и поголем. Според последните информации, станува збор за околу 100 милиони евра од компанијата ГЕН, која е осомничена дека ја финансирала кампањата на Курти преку подружница во Тирана, каде се префрлени 14 милиони евра“, рече Тахири.
Тоа обвинување Тахири го поткрепи со прилог на словенечкиот портал „Права“. Портпаролот на косовската Влада Перпарим Криезиу реагираше откако словенечкиот медиум „Права“ објави дека премиерот Курти примил милиони евра од компанијата „ГЕН“ за кампањата на движењето Самоопределување, посочувајќи дека овие тврдења се невистинити.