Основниот суд Куманово, имајќи го во предвид интересот на јавноста во однос на приведувањето на осуденото лице Драгана Даравелски на ГП Табановце на ден 10.01.2023 година, го издава следното:
По доставување на пресудата на Основен суд Скопје I Скопје К бр.809/05 правосилна од 26.03.2008 година, со која Драган Даравелски од Куманово, е осуден на казна затвор во траење од седум години, во Основен суд Куманово како надлежен суд за извршување на изречената казна затвор, оформен е предмет за извршување на казната.
Согласно чл.109 ст.1 т.3 од КЗ застарување на извршување на казна затвор над 5 години настапува по протек на 10 години од правосилноста на пресудата со која казната е изречена.
Согласно на чл.111 од КЗ застарувањето се прекинува со секое дејствие на надлежен орган што се превзема заради извршување на казната, а со секој прекин застарувањето почнува повторно да тече.
Основен суд Куманово од прием на правосилната пресуда преземал повеќе дејствија со кои текот на застарувањето на извршувањето на казната е прекинувано.
Согласно ст.5 од чл.111 од КЗ застареност настапува во секој случај кога ќе помине два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна.
Со оглед дека од последното преземено дејствие од страна на судот нема изминато период од десет години, ниту пак изминало два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна, застареноста не настапила.