Утринава Скопје, според високиот индекс на загаденост, е во десетката светски градови, но е единствен од Европа и Балкан. По него, но на 17. и 20. место, се Сараево и Приштина. Високата загаденост на главниот град е причина и за нови партиско-политички обвинувања
Утринава, според списокот на светски најзагадени градови, Скопје го држи десеттото место со индекс на загадување 165. Во моментов, според платформата „Ај-кју ер“, во Скопје се измерени 83 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички, а ПМ 10 честичките се со концентрација од 107,5 микрограми на кубен метар. Концентрацијата на ПМ 2,5 во Скопје во моментов е 16,6 пати поголема од годишната вредност на упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација.
Додека скопјани се гушат, партиите се препукуваат кој е виновен за тоа, иако во минатото на централно и локално ниво, властите се менувале, биле од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, но никој досега не преземал сериозни и конкретни мерки за намалување на загаденоста, која речиси години наназад е присутна.