Портпаролот и пратеник на СДСМ Дарко Каевски на прес конференција изјави дека 2022 г. ќе биде запаметена по големиот број лаги и невистини на Христијан Мицкоски. Според Каевски Мицкоски станал целосен заложник на Димитар Апасиев.
„Лага број #1, првата и најголема лага на Мицкоски за 2022 година е дека ќе ни се случи асимилација и бугаризација! Со оваа голема лага Мицкоски и Апасиев создаваа хистерија во јавноста и го потпалуваа народот. Токму под слоганот „Не за асимилација и бугаризација“ Мицкоски и Апасиев водеа секојдневни насилни протести против францускиот односно европскиот предлог. Резултат на таа хистерија беа насилните протести и фрлањето молотиви коктели врз институциите. Лажеше Мицкоски и за македонскиот јазик, заедно со неговите пратеници лажеше дека македонскиот јазик ќе бил прогласен за бугарски дијалект.Се потврди дека Мицкоски ги лаже сопствените граѓани, нема став и затоа е во целосно заложништво на Димитар Апасиев.Едноставно, на Мицкоски не може да му се верува“ рече Каевски.