„ЕСМ продажба“ утрово објави нов повик за прибирање понуди од домашни и странски компании кои можат да обезбедат и испорачаат потребни количества на гас за производство на топлинска енергија за топланите, како и за преостанатите потрошувачи на природен гас во државата
Проблемот со „Макпетрол“ е надминат и компанијата ќе си доставува понуди во текот на следните денови до сите потрошувачи, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски.
Според него, гас ќе има, а конкурентоста ќе биде обезбедена од 1 јануари идната година од кога ќе важат новите правила на пазарот.
Потрошувачите, како што рече Бислимовски во гостување на ТВ 24, треба да знат дека „Макпетрол“ ќе им доставува номинации и доколку потрошувачите отстапуваат, земат повеќе, за тоа ќе си платат дополнително, но не на „Макпетрол“, туку на преносниот систем оператор ГА-МА.
„Макпетрол се согласи со овој пристап бидејќи на некој начин одредени ризици што беа кај снабдувачите се тргнати со вклучувањето на ГА-МА. Значи, ризиците кои што беа на снабдувачите, да не се соочат со проблеми со ликвидност доколку не плаќаат одредени потрошувачи ќе го преземе државата преку ГА-МА, но верувам дека тоа ќе бидат мали отстапуавња и оти на тој начин ќе го решиме проблемот“,рече претседателот на РКЕ, која денеска организираше јавна расправа за новите правила за снабдување со природен гас, што треба да профункционираат од 1 јануари.
На состанокот со државните компании НЕР и ГА-МА, како и трговците, снабдувачите и потрошувачите се усогласиле дека процесот како што е предвиден ќе почне.
„Но, за да се тргнат одредени ризици кои би се јавиле кај новите снабдувачи со природен гас, овозможивме поактивна улога да земе и ГА-МА, или новата компанија што ќе се формира наредната недела, да преземат обврска да им помогнат на потрошувачите да доставуваат номинации, при изработката и одредени технички работи, со што овозможивме трговците и снабдувачите заедно да работат со потрошувачите во јануари со цел да се релаксира ситуацијата“,посочи Бислимовски.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека парно за граѓаните и гас за компаниите ќе има и по 1 јануари и скопјани непречено ќе се снабдуваат.
„ЕСМ продажба“ утрово објави нов повик за прибирање понуди од домашни и странски компании кои можат да обезбедат и испорачаат потребни количества на гас за производство на топлинска енергија за топланите, како и за преостанатите потрошувачи на природен гас во државата.
Објавувањето на повикот дојде по најавите дека од 1 јануари „Макпетрол“ нема да испорачува природен гас до неговите корисници.