Суд во Белгија денеска одлучи европратеничката Ева Каили да биде во притвор уште еден месец. Поранешната потпретседателка на Европскиот парламент е осомничена дека била во центарот на еден од најголемите корупциски скандали во Европската унија.
Сепак, по рочиштето, судот соопшти дека го „продолжува притворот“ за уште еден месец.
– Според обвинителот, постоела опасност таа да биде киднапирана од тајни агенти од Катар. За Каили се уште нема докази за перење пари ниту за членство во криминална организација. Станува збор за политичка одлука, изјави за грчки медиуми нејзиниот адвокат Михалис Димитракопулос. Адвокатите барале „домашен притвор без никакви електронски уреди, само фиксен телефон што ќе го следи полицијата со нејзина согласност бидејќи единствено што сака е да биде со детето“.
Адвокатите на Каили сега имаат 24 часа да ја обжалат таа одлука и доколку одлучат да го сторат тоа, Каили ќе се појави пред Апелациски суд во Брисел во рок од 15 дена. Белгиското обвинителство ја обвинува Ева Каили за корупција, членство во криминална организација и перење пари.
Таа е во притвор од 9 декември, додека нејзиниот партнер Франческо Џорџи, советник во Европскиот парламент, исто така е во притвор поради истите обвиненија.