Почна украсувањето во Скопје. Украсувањето традиционално почна со плоштадот. Ќе има дополнителни содржини за најмалите, ќе има новогодишен базар кој ќе биде поставен во центарот на градот, како и мини забавен парк, истакна вечерва градоначалниката на Град Скопје Данела Арсовска.
Арсовска во своето гостување на Канал 5 посочи дека и оваа година ќе има новогодишна програма во градот, но не во онаа мера како што било минатите години, затоа што имаме економска енергетска криза и Градот сериозно внимава на ресурсите кои ги троши.
-Сакаме да имаме и заштеда на средствата од буџетот на граѓаните, затоа што тие сакаат и реализација на голем број на проекти кои се од клучно значење за нив. Минатата година, оној буџет што го затекнавме и кој практично беше донесен до крајот на година беше нешто што е од претходно изготвено. Имаше многу малку што можевме да интервенираме во него и сакавме за следната година самите да интервенираме во китење, а да не чини како што чинело претходно, рече Арсовска.
Таа додаде дека оваа година украсите не се купени од Градот, но сепак ќе биде накитен и ќе има новогодишна програма.
-Овозможивме оваа година да има новогодишен базар кој ќе биде поставен во центарот на градот. Ќе има дополнителни забавни содржини, ќе има мини забавен парк во централното градско подрачје и се она што традиционално треба да го има една метропола и верувам дека граѓаните ќе бидат задоволни, додаде градоначалничката.
Во однос на прославата за време на новогодишната ноќ, Арсовска рече дека граѓаните дополнително ќе бидат информирани, но напомена дека ќе учествуваат домашните изведувачи.