ноември 22, 2024

Бугарија му даде краен рок на Брисел до кога сака да влезе во Шенген

Иако пристапувањето во Шенген не е точка на дневниот ред на самитот на ЕУ во Брисел, Бугарија денес  побара гаранции дека ќе стане членка, наведувајќи го како краен рок  октомври 2023 година.

„Ние сме на пат да постигнеме точен рок за влез на Бугарија во Шенген кој мора да биде неповратен“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на состанокот на Европскиот совет во Брисел. Крајниот рок за влез на земјата во Шенген треба да биде октомври 2023 година, рече тој, изразувајќи надеж дека тоа може да се случи и порано.

Членството на Бугарија во Шенген беше блокирано на 8 декември од Австрија и Холандија. Пристапувањето на Романија го запре само Австрија, додека министрите со едногласна одлука гласаа Хрватска да биде полноправна членка на зоната без пасоши од јануари 2023 година.

„Имаме се поголема поддршка и убеден сум дека ќе бидеме примени најдоцна до октомври. Секако дека ќе направиме се за да го забрзаме овој рок“, изјави Радев во Брисел.

Бугарскиот парламент треба да усвои две клучни судски реформи што е можно побрзо, рече тој. Една од нив е да се создаде механизам за да се бара одговорност од Генералниот обвинител, кој во моментов е надвор од институционалниот систем на проверки и рамнотежи. Другата реформа е поврзана со донесување на нов антикорупциски закон. Овие два закони се и услов за доделување на целата сума според бугарскиот план за закрепнување. Радев рече дека барем сега е јасно што сакаат Австрија и Холандија за Бугарија да стане членка на Шенген.

„Членството во Шенген најмногу е поврзано со нашето достоинство и заземањето заслужено место во европското семејство“, рече Радев. Тој истакна дека Бугарија за првпат има поддршка од речиси сите земји членки и од сите европски институции.

Во одговор на прашање на EURACTIV, холандскиот премиер Марк Руте рече дека на Бугарија и треба уште еден извештај од Европската комисија во рамките на таканаречениот механизам за соработка и верификација пред да влезе во Шенген.

„Потребни ни се уште две работи од Бугарија – завршен механизам за следење на евалуацијата на Шенген и  проценка за соработка и верификација. Тоа може да се направи околу летото. И ако е можно, Бугарија може да се приклучи. Тоа не е „не“, тоа е „не сега““, рече тој.

Австрискиот канцелар Карл Нехамер рече дека ЕУ треба да ја поддржи Бугарија да изгради подобра ограда долж границата со Турција. Постоечката ограда е изградена во периодот 2014-2016 година како одговор на бегалскиот прилив по војната во Сирија.

Објектот е долг повеќе од 130 километри и минува низ тешкиот терен на планината Странџа. Многу делови од оградата може да се прескокнат со скала, при што некои имаат ископани дупки под неа, а други ја сечат жичаната мрежа со ножици.

„Постои потреба од финансиска поддршка на Бугарија за нејзината граница со Турција, за да  има соодветна заштита на границите. Мора да го скршиме табуто на оградите. Има потреба од ограда во Бугарија која треба да биде поддржана од финансиски средства на ЕУ“, рече Нехамер.

Read Previous

ЕУ договори нови санкции за Русија поради војната во Украина

Read Next

Арсовска: Почна украсувањето во Скопје, ќе има новогодишна програма