ноември 23, 2024

Обвинителот Јовески ја опомена вицепремиерката Грковска: Не сме ученици некој да ни кажува кој треба да одговара и како треба да биде избран

Повеќе пати сум барал и сум инсистирал сите политички и други чинители да ги тргнат рацете од обвинителството. Како јавен обвинител, но и во името на другите јавни обвинители, укажувам дека нема да прифатиме улога на ученици во која некој ќе ни кажува кој треба и по кој член да одговара, ниту пак да кажува кој, каде и како треба да биде избран. За ова постојат прописи, се вели во реакцијата на јавниот обвинител Љубомир Јовески на настапот на TВ Телма на Славица Грковска, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење.

Реакцијата на Јовески ја пренесуваме во целост:

„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ги оценува како неосновани, паушални и неточни личните оценки во однос на неговата и на работата на Јавното обвинителство, изнесени на јавен настап од страна на заменик претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење.

Во јавниот настап, во кој таа учествуваше како носител на јавна функција од извршната власт, некои од искажувањата, навидум лични, значат директно мешање во работата на Јавното обвинителство и ја загрозуваат неговата самостојност. Политиката на добро владеење во основа треба да ја почитува поделбата на власта и владеењето на правото.

Освен тоа, во јавниот настап, не беше изнесен ниту еден релевантен аргумент за поткрепа на ваквите лични проценки. Упатно и полезно ќе биде доколку заменик претседателката, пред да изнесува лични оценки за работата, го посети Јавното обвинителство и се запознае со реалните состојби и со предизвиците во борбата со криминалот.

Нагласувам дека во последниот извештај за напредокот на земјава, Европската комисија не упатува критики на сметка на функционирањето на Јавното обвинителство, туку напротив оценува дека „постои умерен напредок во борбата против корупцијата“, што е впрочем соодветно на целокупната оценка за подготвеноста на повеќето институции во земјава за исполнување на европските критериуми.

„Република Северна Македонија продолжува да напредува во истрагата, гонењето и судењето во предметите на корупција, вклучително и предметите на корупција на високо ниво“, стои во извештајот на Комисијата. Притоа, и таму се истакнува дека е неопходно во иднина да се зголемат ресурсите кои се доделуваат на Јавното обвинителство и особено „да се издвојуваат доволни ресурси за Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вклучувајќи и финансиски експерти, со цел да се осигури ефективна одговорност за предметите на корупција на високо ниво“.

Тврдењата на заменик претседателката на Влада дека веќе се обезбедени сите услови за ефикасна борба против криминалот и корупцијата не соодветствуваат на реалната состојба.

Имено, иако со Законот за јавното обвинителство е предвидено висината на средствата за работа на Јавното обвинителство да изнесува најмалку 0,4% од Буџетот на Република Северна Македонија за тековната година, таа законска обврска за издвојување буџетски средства не е ниту еднаш исполнета. И покрај укажувањата за ваквите состојби, секоја година Јавното обвинителство добива едвај околу половина од буџетот кој го побарува и кој е неопходен за функционирање и за исполнување на задачите предвидени во Законот за кривична постапка. Буџетот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е зголемен во однос на претходните години, но и тој е далеку од реалните потреби.

Обвинителството, со оглед на кризата предизвикана од Ковид-19, економската и енергетската криза има разбирање за можностите на буџетот и прифаќа дека буџетските издвојувања за институцијата во последните години се значително подобрени како заложба на Владата, но тоа не е доволно.

Заменик претседателката сигурно е запознаена дека Јавното обвинителство работи со помалку од две третини од неопходниот број јавни обвинители, а таа состојба постојано се влошува. Во земјава има помалку од девет обвинители иако според Европската комисија за ефикасност на правдата, во европските земји, тој просек изнесува 12 обвинители на секои 100.000 жители. Состојбата не е подобра ниту кај јавнообвинителската служба, на што укажувам во сите мои јавни настапи. Доколку го посети Јавното обвинителство, изворно ќе биде информирана и за состојбата и за потребите за функционирањето на истражните центри.

Непознавањето на состојбите ја доведува да дава несоодветни и непоткрепени изјави и за недоволната транспарентност на обвинителството, која наспроти тоа, во последните години, на очиглед на сите е зголемена. Еве на пример, во последната студија на ставовите и перцепциите на новинарите во поглед на транспарентноста на правосудните институции, изготвена од Здружението на новинари и организацијата Free Press Unlimited, Јавното обвинителство котира најдобро во поглед на транспарентноста во однос на другите правосудни институции.

Можеби и мое лично мислење е дека ќе биде подобро и поцелисходно доколку издвоените финансиски средства за функционирање на кабинетот задолжен за политики за добро владеење се искористат за поефикасна борба против корупцијата, наместо да се трошат за дебати и конференции со занемарлив ефект, но како носител на функцијата Јавен обвинител немам право јавно да ја промовирам оваа лична теза, бидејќи Владата сметала дека е потребно вакво тело.

Очекувам во иднина, заменик претседателката на Влада, соодветно на функцијата која ја извршува, да покаже достојна почит спрема работата на обвинителите за кои паушално оценува дека се луѓе без интегритет кои се плашат дури и да гласаат. Апелирам до сите политичари да се воздржуваат од лични оценки донесени без реални и аргументирани основи и без познавање на состојбите во Јавното обвинителство“.

Read Previous

Мисајловски: Градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ ги отворија вратите во Општините, да ги слушнат граѓаните и да разговараат за сите идеи, проекти и така да ги направат своите буџети

Read Next

Дејан Георгиевски испиша нова спортска историја-За прв пат во Македонија имаме бронза од финално Гран При во олимписки спорт