Во просторите на Здружението на писателите на Србија во Белград вечерва Македонците во Србија во организација на здружението Македониум, заедно со членови на здруженијата на писатели на Србија и на Северна Македонија, го чествуваа државниот празник Свети Климент Охридски.
За ликот и делото на Св. Климент Охридски говореше претседателот на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), Христо Петрески, кој за МИА изјави дека на ова чествување, покрај тоа што ќе се говори за заслугите на Св Климент како зачетник на Охридската книжевна школа, на преродбеничката мисија и неговата улога во свештенството како прв словенски епископ, тоа има големо значење и има симболика.
-Многу е битно што Македонците од Белград не го забораваат Св.Климент Охридски и што ги продолжуваа мостовите кои што постојат меѓу македонците во татковинат и тие овде, но и двете писателски асоцијации кои што ја продолжуваат соработката која неодамна беше официјализирана со спогодба за соработка, и тоа на денешниот празник на Св.Климент Охридски, изјави Христо Петревски.
Тој информираше и дека е постигнат договор за формирање асоцијација „Книжевност без граници” или Отворен Балкан на културен план меѓу ДПМ и Здружението на писатели на Србија, и Здружението на писатели од Црна Гора, иницијатива во која е планирано да се вклучат и писателите од Албанија.
На чествувањето учествуваше и потпретседателот на Здружението на писатели на Србија, Видак Масловариќ, кој е воедно и уредник на престижната Трибина Француска 7.
Во рамките на програмата, новинарот Кирил Панов говореше за неодамна починатиот македонист проф. Радомир Ивановиќ, а беше споменато и барањето и потребата по повеќедецениска на пауза на отварање на лекторат за македонски јазик во Србија.
Во културно уметничката програма настапи пејачката група ,,Македониум” од Белград.