В.д претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари очекува да се раздвижи, како што вели, борбата против корупцијата на високо ниво кај власта со најавената помош од Соединетите Американски Држави (САД). Информацијата за пристигнувањето во Скопје на тимот на САД за санкции, за да се поведе истрага на корумпираните политичари, според Таравари, е дочекана со голема надеж од сите граѓани на земјава.
-Ова е задача на самата држава, меѓутоа сите закони што ги носиме стојат на хартија, практично не се спроведуваат. Се надевам дека оваа американска екипа ќе ги катализира процесите на антикорупација и функционирање на правна држава. Она што го слушам директно од американската амбасадорка, не е оваа акција само за сегашните функционери туку и за поранешните, така мислам дека треба да се делува и да се преземат конкретни чекори. Американска екипа сигурно нема да биде дел од егзекуцијата но ќе катализира. Катализаторите секогаш помагаат во реакциите, меѓутоа самите не влегуваат. Има повеќе процеси за кои сите ние знаеме но не говориме, се надевам дека тие ќе излезат на површина и македонското судство ќе земе одредени чекори да се ефектуираат одредени предмети, рече Таравари на новинарско прашање по прес-конференцијата во пресрет на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата – 9 декември.
Tој смета дека тоа е повеќе од потребна промена на парадигмата, која се чека долги години.
-Но, ова не е доволно. Ние сме мала земја и се познаваме еден со друг. Секој од нас знае кои беа и каков стандард на живеење имаа политичарите пред да дојдат на власт. Значи, корумпираните се познати со име и презиме.За да се искорени корупцијата потребно е еднаш засекогаш да се запре и отповика партизираноста и систематското заробување на судството од политиката. Граѓаните сега разбираат дека правосудниот систем е целосно во служба на власта и против интересите на државата и граѓаните. Затоа, само осум проценти од нив веруваат во правдата на државата. Со право, бидејќи сите веќе со години видоа како правдата стана селективна, а неправдата владее, како што се докажа и деновиве со последователните откажувања на рочиштата за трагедијата во болница во Тетово или намалувањето на казните на Мијалков, рече Таравари.
Лидерот на АА го цитираше американскиот претседател Џо Бајден минатата година кога ја постави борбата против корупцијата како главен интерес на националната безбедност на САД – „Борбата против корупцијата не е само добро владеење. Тоа е самоодбрана. Тоа е патриотизам и е од суштинско значење за зачувување на демократијата и нашата иднина