ноември 22, 2024

Една година по трагедијата со Беса транс, пуштен веб сајтот за проверка на лиценците на автобусите и возачите

Една година по несреќата со автобусот на Беса транс во која загинаа 45 луѓе (13 малолетни и деца), четири државни институции успеаја да ги обединат податоците за лиценците на автобусите и уверенија за возачите на еден веб сајт за да може и граѓаните сами да проверат дали купуваат карти за лиценциран и бзебеден автобуски превоз.

На сајтот etransport.mtc.gov.mk лесно може да се проверат овие податоци преку име на компанијата или преку регистарските таблички на автобусот. За секој автобус има и година на производство.

Податоците се земени од МВР, Министерството за транспорт и врски, Царината и од Државниот инспекторат за транспорт. Доколку граѓаните бидат измамени и откријат превозник кој нема дозволи и лиценци може да го пријават по што следува инспекциска контрола.

После несреќата на Беса транс во Бугарија, МВР и царината откриваа многу често на граница „диви“ превозници без лиценци чии автобуси беа исклучувани од сообраќај. Но, на тој начин патниците остануваа без превоз до далечните дестинации за кои си платиле карта. Со овој веб сајт сега ќе може да проверат дали ги даваат парите на вистинските превозници.

На сајтот стои името БЕСА ТРАНС БТБ регистрирана на ул. 1 бр. 1, Рашче, Скопје, но нема лиценци бидејќи по несреќата сите им беа одземени. Од друга страна по трагедијата беше откриено дека кобниот автобус којшто изгоре, повеќе од година дена немал лиценци и го возеле возачи без уверенија.

Пропустот не бил откриен на граница поради што беа суспендирани двајца цариници кои го пуштиле автобусот адвор од Македонија. Едниот бил казнет со плата, додека другиот не е веќе  цариник затоа што му завршил договорот за работа, откри директорката на Царина на денешната прес конференција.

И таа и директорот на инспекторатот за транспорт не знаеја до каде се истрагите кои произлегоа од трагедијата на Беса транс, но тврдат дека на надлежните истражни органи им ги дале сите побарани документи и информации.

Read Previous

Османи: Комуникацијата со Бугарија мора да биде постојана и интензивна

Read Next

АД ЕСМ: Потрошувачите на парно со мало задоцнување ќе ги добијат сметките за октомври