Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ инсистира на итно повлекување на усвоениот дополнет Закон за претседател и организирање вонредни парламентарни избори во Црна Гора.
По вчерашниот состанок што го иницираше претседателката на Собранието Данијела Ѓуровиќ со цел да се постигне договор за излез од политичката и економската криза, ДПС соопшти дека се смета себеси за одговорна политичка партија која има за цел натамошно градење институции, дека одговорила на поканата за средбата со надеж дека, како што нагласи, преку дијалог ќе се дојде до решение кое ќе значи излез од политичката и севкупната општествена криза во која се наоѓа Црна Гора.
Ѓуровиќ на вчерашната средба ги покани лидерите на парламентарните партии, а поради недоаѓањето на Мило Ѓукановиќ состанокот го напуштија пратениците од ДФ, Обединета и Вистинска Црна Гора, како и од Работничката партија. Тие ја напуштија средбата со образложение дека недоаѓањето на Ѓукановиќ значи дека ДПС не се грижи за дијалог или договор.
Од ДПС тврдат дека средбата ја покажала длабочината на кризата со која се соочува државата, за што, велат, „најдобро говори и ставот на сменетиот премиер и воедно претседател на граѓанското движење УРА, Дритан Абазовиќ, кој рече дека ситуацијата во земјата е сосема нормална“, како и однесувањето и „настапот на лидерите на прорускиот Демократски фронт кои изјавија дека нема повеќе да учествуваат во разговорите, наведувајќи тривијални и целосно неосновани причини за таков неодговорен пристап“.
ДПС ги повтори барањата итно да се повлече Законот за претседател и да се спречи неговото стапување во сила, со што ќе се спречи уставен удар и со тоа ќе се создадат предуслови постапката за избор на судии на Уставниот суд да се врати на Уставниот комитет, со цел со суштински, а не симулиран дијалог, да се создадат услови за избор на четворица судии и со тоа да се овозможи непречено функционирање на една од најважните институции во државата.
Тие велат дека ќе инсистираат на скратување на мандатот на Собранието за да се подготват за организирање на вонредни парламентарни избори кои би значеле дефинитивен крај на политичката криза, по што Црна Гора би добила одговорна, политичка, стабилна и европска влада.
Партијата нагласи дека нема да дозволи „да биде украс на Демократскиот фронт чија единствена цел е деструктивна политика кон институциите за Црна Гора да ја претстават како нефункционална држава чиј суверенитет треба, соодветно на тоа, да биде препуштен на регионалните хегемони“.
Усвоениот дополнет Закон за претседател, на предлог на Демократскиот фронт, има за цел, како што е објаснето, однесувањето на претседателот на државата и лидерот на ДПС Мило Ѓукановиќ да го врати во уставна рамка и да го предложи лидерот на Демос Миодраг Лекиќ за мандатар на новата влада.
Ѓукановиќ прво го игнорираше предлогот Лекиќ да биде мандатар, а потоа донесениот Закон за претседател го врати во Собранието на повторно одлучување.