ноември 21, 2024

Салих Мурат: По соодветно ќе биде да се донесе закон за Уставниот суд, отколку законот за уставни судии

Поранешниот претседател на Уставниот суд Салих Мурат за радио Слободна Европа вели дека пред се, по соодветно е да се донесе закон за Уставен суд, отколку закон за уставни судии.

„Сметам дека по соодветно ќе биде да се донесе Закон за Уставниот суд на Република Северна Македонија, отколку Законот за уставни судии. Клучни причини за донесување на Закон за Уставниот суд на Република Северна Македонија според мене се следниве:

-Потребата за законски одредби, со кои ќе се уредат прашањата (досега уредени со Деловникот на Уставниот суд), со цел разработување и прецизирање на уставните одредби поврзани со уставната поставеност, статусот, организација и функционирањето на Уставниот суд и уставните судии;

-Воведување на уставна тужба со цел ефективно спроведување и заштитата на правата на човекот и граѓанинот, признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; и

-особено прецизирање на самостојноста, независноста и непристрасноста на Уставниот суд, согласно неговата уставна поставеност како орган на Републиката преку јакнење на статусот на судиите и остварувањето на функционалната, буџетската и административната автономија.

Оправданост на донесување на посебен закон

Иако Уставот не поседува посебна одредба со која би се уредиле одредени прашања кои се однесуваат на Уставниот суд, ваквите прашања засега се уредени само со Деловникот на Уставниот суд, ова не може да се смета за пречка за законодавецот да донесе посебен закон со кој би се уредувале прашањата кои се надвор од уставно-определениот опфат на Деловникот на Судот. Аргумент за тоа е донесувањето на Законот за Собранието на Република Македонија, чија уставност во целост беше оспорена пред Уставниот суд, па со Решението У.бр. 197/2009 година, Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставност на Законот за Собранието на Република Македонија, вели поранешниот претседател на Уставниот суд, Салих Мурат.

Според Мурат, потребата за донесување на посебен закон за Уставниот суд е увидена и од страна на Венецијанската Комисија (CDL- AD ( 2014)026) и од Експертската мисија на ТАIEX за заштита на човековите права од страна на Уставниот суд на Република Македонија, JNA IND/EXP 66095 од 2018 година.

„Од друга страна, иако досега не е донесен посебен закон за Уставниот суд, донесени повеќе други закони, со чии одредби се уредуваат прашања поврзани со уставниот суд, односно остварувањето на неговите уставни надлежности. Пример за такви донесени закони се: Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и други избрани и именувани лица во Републиката, поранешниот Закон за државните службеници, Законот за административни службеници, Законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права, Кривичниот законик и други. Па, анализирајќи ги наведените закони може да се воочат одделни одредби со кои се уредуваат одредени прашања поврзани со Уставниот суд. Во оваа насока, во текот на мојот мандат, Судот во 2019 година изготви нацрт- верзија на „Предлог закон за Уставниот суд на Република Северна Македонија“, во 2020 година изготвивме нацрт-верзија „Предлог Деловник за изменување и дополнување на Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија“ и во 2021 година изготвивме „Предлог закон за платите на судиите и вработените во Стручната служба на Уставниот суд на Република Северна Македонија“, по што наведените предлози беа доставени до Министерството за Правда, до Владата на Република Северна Македонија и други релевантни установи во земјава и во странство“, вели Мурат.

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Салих Мурат вели дека треба и има потреба да се донесе законска рамка со која ќе се уреди, односно унапреди статусот на уставните судии и тоа во три насоки: материјални права, нематеријални права, нивни гаранции и други посебни права.


„Во склад на ова, ако се направи анализа со цел споредба на Уставниот суд на Република Северна Македонија со уставните судии и претседателите на уставните судови од регионот и државите членки на ЕУ, вклучувајќи ги и статусните права на судиите во редовното судство, ќе се дојде до заклучок дека судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија заостануваат во овие права, по што произлегува фактот дека без функционална, буџетска и административна самостојност не може да се зборува за потполно независност на уставниот суд.


Во врска со предлог законот за уставните судии, сметам дека не е во корелација со наведените стремежи и препораки на Венецијанската комисија, други домашни и меѓународни извештаи и препораки, од причини што дел од проблематиките кои се предлагаат, веќе се регулирани со Уставот.

Во наведениот предлог закон се даваат предлози, кои не се предвидени во Уставот, иако со закон не може да се регулираат нештата, ако тоа не е во согласност со уставната формулација.
Второ, се предлага предвремено пензионирање на уставните судии. Уставот на многу јасен и прецизен начин предвидува кога му престанува функција на судија на Уставниот суд. Со наведениот предлог закон се повредува еден од главните столбови 1 на независноста на Уставниот суд, односно функционална независност на Уставниот суд т.е. уставните судии, потоа се повредуваат и темелните вредности на Уставот кои се предвидени во членот 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11 , член 51 став 1 и 2 , член 109, член 111 став 4.

Во предлогот, делот за „истакнат правник“ е контрадикторен, нејасен и конфузен, со многу недоречености и непрецизност. Истакнат правник е уставна категорија. Разработувањето на Уставот со закон треба да биде во духот на уставот. Законските норми мораат да бидат прецизни, јасни и функционални во правниот промет. Сметам дека предлогот истакнат правник е спротивен на член 109 став 4 од Уставот.

Исто така, членот 11 од наведениот предлог закон нема подлога во нашиот Устав. Спротивен е на член 9 и член 32 став 3. Во извештајот на Венецијанска Комисија многу јасно и прецизирано стои дека „мора да се претпостави дека гаранцијата за соодветен и стабилен приход на судиите е суштински елемент на НЕЗАВИСНОСТА НА СУДСТВОТО“. Во истиот извештај се предвидува и дека платите на судиите не може да се намалат ниту во состојба на криза, што значи дека истиот принцип треба да се примени и на судиите на Уставниот суд (CDL-AD ( 2010 038-e)
Повторно потенцирам дека има потреба да се донесе посебен закон за Уставниот суд на Република Северна Македонија, а не делумно решение како што е наведениот предлог закон за уставни судии“, вели Мурат.

Мурат рече дека ако се донесе посебен закон за Уставниот суд, ќе се унапреди сегашната рамка на делот на статутот на уставните судии, воведување на уставната жалба, донесување на норми кои би ја уредиле и гарантирале функционална, буџетската и административна автономија, по што со наведениот посебен закон за Уставниот суд на едно место би се регулирале сите прашања кои се однесуваат на Судот, а кои не спаѓаат во делот на начинот на работа и постапката и секако дека ова би допринело потреба од одредени изменувања и дополнувања и на сегашниот Деловник на Судот.
„Доколку наведениот предлог закон за Уставни Судии се усвои, со кој се повредуваат наведените уставни одредби и меѓународните норми и стандарди, Уставниот суд по службена должност согласно со член 9 треба да даде иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на наведениот против уставен Закон.

Согласно Уставот, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, па така оваа обврска ја имаат и пратениците. Со сигурност Уставниот суд располага со огромен капацитет и пракса да донесе соодветно решение и образложение и да утврди противуставниот и напад на законодавна власт во работата и надлежностите на Уставниот суд во целина.

За крај, уште еднаш да повторам дека има потреба од донесување на сеопфатен Закон за Уставниот суд, согласно анализите на досегашните состави на Уставниот суд, ставови и заклучоци по ова прашање на стручњаци од Уставната проблематика во земјава и во странство, препораките на меѓународните институции и експерти, почитувајќи ги меѓународните норми и стандарди и пресудите на Европскиот суд за човекови права. Препорачувам во реална и разумна атмосфера, без нереални барања, без контрадикторности, наметнувања, непрецизност и нефункционалноста да се донесе нов закон во духот на нашиот Устав, уставниот поредок и модерна уставна судска пракса за работа и функционалност на уставните судови во светот“, порача поранешниот претседател на Уставниот суд, Салих Мурат.

Read Previous

Меси, стрелец против 40 различни екипи во Лигата на Шампионите

Read Next

Солун и Измир се поврзуваат со бродска линија