ноември 21, 2024

Како си ги претвораме децата во материјалисти?

Истражувањето од Универзитетот во Мисури и Универзитетот во Илиноис, Чикаго открива дека родителите кои користат материјални средства како дел од нивните родителски техники им создаваат потешкотии на децата подоцна во животот.

„Нашето истражување сугерира дека децата кои добиваат многу материјални награди од нивните родители, најверојатно ќе продолжат да се наградуваат себе си со материјални добра и кога ќе пораснат, а тоа може да биде проблематично“, велат Марша Ричинс и Лан Чаплин кои го спроведоа истражувањето.

Тие анкетирале повеќе од 700 возрасни и ги прашувале за разновидни околности во детството, односот со нивните родители и наградите и казните коишто ги добивале за време на трите критични фази во детството.

„Нашето истражување ја нагласува вредноста на истражувањето на детските околности и родителските практики за подоцна да се разбере однесувањето на возрасните како потрошувачи“.

Истражувачите откриле три родителски стратегии кои водат кон поголем материјализам:

Давањето подароци како начин на кој искажуваат љубов.

Наградувањето на децата со подароци кога ќе постигнат нешто, како на пр. кога ќе дадат гол на фудбалскиот натпревар или кога ќе добијат 5-ка.

Казнувањето на децата со тоа што ќе им земат некој омилен предмет, како на пр. омилената играчка или видео игра.

Кога родителите ги користат материјалните добра на ваков начин, нивните деца, кога ќе пораснат, во просек имаат повеќе шанси да мислат дека успехот во животот зависи од квалитетот и бројот на материјални средства кои поединецот ги поседува, или пак, дека купувањето на одредени производи ќе ги направи поатрактивни.

Претходните истражувања веќе покажале дека возрасните кои се дефинираат себе си, или ги дефинираат другите според тоа што го поседуваат, имаат поголем ризик за брачни проблеми, коцкање, финансиски долгови и намалена благосостојба. Материјализмот исто така придонесува и за деградирањето на животната средина како резултат на прекумерната потрошувачка и трошењето на добрата.

Родителите кои си ги сакаат своите деца настојуваат да им купуваат материјални награди.

„Едно објаснување за поврзаноста помеѓу материјалните награди на децата и материјализмот откако ќе пораснат е тоа дека децата кои ги добиваат овие подароци ќе ги користат средствата кои ги поседуваат за да се дефинираат и зајакнат себе си, многу повеќе отколку останатите деца, што претставува суштински елемент на материјализмот“, истакнува Ричинс.

Други аспекти на родителството, исто така може да имаат влијание на развојот на ставот што возрасниот поединец го има за материјалните добра. Истражувачите пронашле врска помеѓу одбивањето од страна на родителите и материјализмот. На пр. децата кои чувствувале дека родителите немаат време за нив, или се разочарани од нив, биле со поголема веројатност да станат материјалисти. Покрај тоа, возрасните кои добивале материјални награди и материјални казни додека биле деца, многу повеќе им се восхитувале на луѓето кои поседуваат скапи предмети.

„Во ред е да им купувате некои работи на вашите деца, но не заборавајте да им кажете да бидат благодарни за луѓето и работите што ги имаат во животот. Секој пат кога детето ќе изрази благодарност, станува свесно за тоа колку е среќно, со што се приближува кон дарежливоста, а се одалечува од материјализмот“, велат истражувачите.

„Поминувајте повеќе време со вашите деца и учете ги на топлина, благодарност и дарежливост за да се спречи материјализмот“.

Read Previous

Петровска: Бев предмет на напади врз основа на мојот изглед, начинот на облекување, но јас се уште сум на истата позиција

Read Next

Инзаги: Јас сум виновен, но Интер ќе се врати посилен по паузата