октомври 10, 2024

Николовски: Само здружени може да се спротивставиме на економската криза и да обезбедиме доволно храна за сите

Иницијативата „Отворен Балкан“ е најдобар пример за поддршка во насока на взаемна помош и непречена трговска размена со храна и производи, без граници и без ограничувања, бидејќи само здружени ќе имаме моќ да се спротивставиме на економската криза и да обезбедиме доволно храна за сите, истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во своето обраќање на македонскиот штанд на Меѓународниот саем за земјоделство, лов, риболов и екологија „Интерагро 2022“, кој во наредниве три дена се одржува во Бјељина.

– Поборник сум за „Отворен Балкан“ затоа што преку практични примери покажавме дека производите од Охрид и Гевгелија многу побрзо можат да се најдат на штандовите во Белград и Нови Сад, отколку нашето патување од Скопје до Белград. Компаниите се задоволни затоа што се олеснети условите, постои зелена лента на граничните премини, поедноставени процедури и взаемно признавање на сите лабораториски анализи и фитосертификати, рече Николовски.

Според него, тоа значи дека протокот на стока и на производи се одвива непречено, но што е уште подобро со договорот за обезбедување на храна меѓу трите земји членки на „Отворен Балкан“ се овозможува тоа што го немаме ние како земја, да го обезбедиме од другите две земји членки и обратно тоа што ние го имаме повеќе да го предадеме кај нив.

– Во моментов работи веќе комисијата која прави проценка на складишните капацитети во трите земји членки и тоа пред се за стратешките производи. Преку „Отворен Балкан“ до нашите граѓани праќаме порака на сигурност дека доволно храна ќе има за сите граѓани, токму затоа убаво е сите земји во регионот да се приклучат кон оваа иницијатива која што е економска и ја подобрува трговската размена, иницијатива која ги руши бариерите и која го подобрува животот на сите граѓани, истакна министерот Николовски.

Честитајќи им на домаќините на Саемот за ентузијазмот, професионалноста и посветеноста со која е градена оваа саемска манифестација, Николовски оцени дека да се одржи континуитет од 20 години во услови на многу предизвици и немирни времиња, е навистина голем успех.

Како што соопшти МЗШВ, Република Северна Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство имаат чест да бидат земја партнер на Меѓународниот саем „Интерагро 2022“, токму на неговото 20-то јубилејно саемско претставување.

– Карактеристиките на топлиот Балкан и сончевите денови на нашата земја, преточени во единствени вкусови и традиција, беа претставени на нашиот македонски штанд пред претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, дегустирајќи го убавото македонско вино и традиционални производи, се наведува во соопштението.

Во текот на трите саемски дена, на површина од 130 квадратни метри ќе се претстават 13 македонски компании кои ќе бидат во друштво со над 300 излагачи од сите земји од регионов.

– Глобалната криза за храна, климатските промени, економските турбуленции кои се случуваат на светско ниво, колку и да се непријатни сепак имаат барем еден мотивирачки аспект, а тоа е здружувањето и заемната поддршка кои водат кон заеднички успех. Ваквите меѓународни саеми на еден суптилен начин придонесуваат да се изградат нови пријателства и бизнис релации, со што сите заедно полесно ќе ја надминеме кризата, додаваат од МЗШВ.

Покрај македонската делегација на овогодишното саем „Интерагро 2022“ присуствуваа и министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац и министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија и на Република Српска, Бранислав Недимовиќ и Борис Пашалиќ, што беше уште една можност за меѓусебна размена на мислења и продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу државите.

Read Previous

Неформална средба на Вучиќ со Ковачевски на отворањето на Генералното собрание на ОН

Read Next

Украдени 160 милиони долари од лондонска фирма што тргува со криптовалути