ноември 22, 2024

Мета бара оставка од Рама по кибернападите и објавените доверливи податоци

Претседателот на Партијата на слободата и доскорешен шеф на албанската држава Илир Мета актуелната ситуација во земјата ја оцени како „сериозна“ откако хакерите објавија податоци и информации кои можат да и наштетат на националната безбедност и за главен виновник го смета премиерот Еди Рама, од кого побара оставка.

– Цела држава ја соголија. Се е разоткриено на срамен начин. Тоа е многу сериозен момент. Само оставката на Еди Рама може да ја врати довербата на граѓаните во институциите. Тој беше гарант по првиот кибернапад, но излезе дека ги имаат сите податоци за секој поединец. Само неговата оставка може да ја врати довербата во државата и институциите, националната безбедност и јавната безбедност. Рама е лажго и измамник, изјави Мета.

Тој додаде дека на вакво нешто предупредувал на седница на Националниот совет за безбедност што го свикал како шеф на државата и побара Обвинителството веднаш да почне истрага.

– Што се однесува до нарушувањето на националната безбедност, нема ниту дете кое не разбира колку сериозно е нарушена националната безбедност… Но, секако неодговорна личност (Рама) која Албанија ја претвори во градски ан без порти и ја преплави Албанија со банани (се однесува на откриени и неоткриени количини со кокаин во контејнери со банани) и кули со кои се перат милијарди евра, се разбира дека националната безбедност е последната работа. Да поседуваше чувство на одговорност, Албанија немаше да биде во оваа ситуација, обвини Мета.

На новинарско прашање дали ќе продолжи со протести тој одговори дека „пролетта на протести започна“.

– Пролетта на протести започна. Ја разбирам нетрпеливоста и интересот, љубопитноста и револтот. Нашиот предизвик е да менаџираме со оваа нетрпеливост со цел таа нетрпеливост да се претвори во вистинска сила, и така ќе се случи, рече Мета, кому петгодишниот мандат како претседател на државата му заврши на 24 јули. 

Read Previous

Маржите на основните прехранбени производи остануваат замрзнати до крај на годината

Read Next

Владата усвои материјали за регулирање на односите со Европската комисија