Осумтемина пратеници на Алијанса за Албанците ќе ги поддржат уставните измени само под услов терминот „20 проценти”, кој е наведен како праг за употреба на јазикот на малцинствата во локалните средини, не се избрише од Уставот. Ставот на опозициската партија го обелодени нејзиниот потпретседател, Арбен Таравари, на прес-конференција вчера во Гостивар, одговарајќи на новинарско прашање во врска со актуелностите околу уставните измени и предлогот за референдум на ВМРО ДПМНЕ.
Таравари смета дека сегашното владеачко мнозинство ги нема 80-те гласа во Парламентот за да спроведе уставни измени, а неговата партија од претходно го постави овој услов.
– Актуелната политичка ситуација е проблематична и колку што гледам тешко дека ќе се обезбедат 80 гласа. Како партија имаме барање, односно исполнување на еден предуслов. Нашите пратеници нема да гласаат за уставните измени доколку не се повлече „20 отсто” во уставот во делот на остварувањата на правата на една заедница, рече Таравари.