ноември 23, 2024

Средба Џафери-Рот: Уставните измени нема да наштетат на ниту еден Македонец

Претседателот на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот на Сојузна Република Германија, Михаел Рот е во посета на Скопје. Според агендата ќе има средби со највисокиот државен врв.

По пристигнувањето на твитер порача : Добро утро Скопје! Добро е да се вратиш во предизвикувачки, фрустрирачки времиња за Македонците! Но вие никогаш нема да чекорите сами… Надежта е клучот! И патем: Македонскиот е јазик во Европа на културни различности!, напиша на Твитер Рот.

Рот имаше средба и со претседателот на Собранието Талат Џафери. Како што е познато во законодавниот дом треба да бидат изгласани уставните измени, Бугарите да влезат во Уставот, за да може и официјално Македонија да ги стартува преговорите со ЕУ, односно да ги отвори кластерите.

Од страна на претседателот Џафери, како што информираат од неговиот кабинет, била поздравена оваа посета во момент кога, како што велат, земјата треба да го започне процесот на скрининг како прва фаза од почетокот на преговорите за членство во ЕУ, после долг период на застој и блокади во изминатите децении.

„Тој го информираше соговорникот за придонесот и обврските на земјата во НАТО, за доследното придржување до санкциите на ЕУ кон Руската Федерација и поддршката и помошта која се обезбедува за потребите на Украина. Претседателот Џафери изрази особена благодарност за континуираната поддршка на Сојузна Република Германија во остварувањето на нашите стратешки цели. Истовремено се заблагодари за одличната економска и билатерална соработка на повеќе основи меѓу двете земји и врските со дијаспората, кои заедно придонесуваат за понатамошно унапредување на меѓусебните односи. Во тој контекст, особено ја потенцираше соработката со Германскиот Бундестаг за независно собраниско обезбедување како еден од сегментите за осамостојување на Собранието“, е нагласено во соопштението.

Рот нагласил дека неговата посета се реализира како поддршка на следните чекори кои Собранието треба да ги преземе за непречен тек на процесот на преговори за членство во ЕУ.

Тој ја пренел благодарноста на претседателката на германскиот Бундестаг, Барбел Бас до претседателот Џафери за градењето на мостови на поддршка во време на поларизација, економски предизвици и воена агресија и дека никој нема корист од ослабувањето на демократијата, бидејќи тоа оди на штета на граѓаните кои направија многу во изминатите години. Изразувајќи целосно разбирање за фрустрациите и разочараноста од актуелните случувања, Рот потенцирал дека ЕУ нема право да се меша во јазичниот и културниот идентитет на Македонците и тоа мора да се почитува.

Read Previous

Пендаровски се сретна со Рот: Германија движечка сила во ЕУ, еден од нашите најголеми партнери

Read Next

УХМР: Попладне пороен дожд, можно е во Скопје краткротрајно невреме