Веќе е предоцна да се ограничи глобалното затоплување на не повеќе од 1,5 степени Целзиусови, споредбено на прединдустриските нивоа, предупреди денеска германски експерт-климатолог пред Форумот за климата што се одржува во Берлин.
Метеорологот и климатолог Моџиб Латиф рече дека со денешните емисии на штетни гасови, актуелно ниво ќе биде надминато за десет години.
„Ако се земе предвид она што го прават политичарите ширум светот во моментов, ние сме во насока кон – три степени повеќе. Се приближуваме до точката кога ќе мора да признаеме: времето истече“, додаде тој, кој е на оценка дека секогаш се наоѓале поприоритетни прашања отколку оние што би требало да ја заѓтитат климата на планетата.
Министрите од четириесеттина земји ќе разговараат за следните чекори што треба да се преземат во борбата против климатските промени на Петерсбершкиот климатски дијалог што се одржува денеска и утре во Берлин.